Македонската машка кошаркарска репрезентација, денеска (17 ч., пренос на МТВ), во Плоешти (Романија), треба да го одигра последниот, четврти натпревар во групата Б против Романија, во претквалификациите за пласман во главните квалификации за Европското првенство (ЕП) во 2021 година.
Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков, и покрај проблемите со играчкиот состав, се оптимисти, а во прилог им оди и фактот што им одговара и пораз од 13 поени, за да го зачуваат првото место во групата Б, единствено што води директно во квалификациите.
Ова ќе биде петти меѓусебен квалификациски дуел помеѓу овие две селекции за обезбедување настап на ЕП, а жолто-црвените се поуспешни со три победи и еден пораз (вкупна кош-разлика 316-274). Единствениот пораз македонските кошаркари го доживеале на квалификацискиот турнир во Вроцлав (Полска) во 1993 година (75-87). Највисоката победа е остварена во квалификациите за ЕП 1999 во Франција, кога пред своите навивачи Македонија славела со 28 коша разлика (80-52). Последниот дуел во Скопје, одигран лани, заврши со победа на Македонците со 90-76.
Македонија е на првата позиција со шест бода (три победи), Романија е втора со два
бода помалку. Романците ги очекува и дуел со Косово на гости, недела. Г.И.
ДОСЕГАШНИ ДУЕЛИ
Романија – Македонија 87-75 1993 г.
Македонија – Романија 80-52 1997 г.
Романија – Македонија 59-71 1998 г.
Македонија – Романија 90-76 2018 г.
ГРУПА Б
Романија – Македонија 17 ч.
Косово – Романија недела
ТАБЕЛА
Македонија 3 3 0 6
Романија 2 1 1 3
Косово 3 0 2 3