Со кош во третата четвртина кошаркарот на Голден стејт, Стеф Кари (32), го надмина славниот Реџи Милер според бројот на постигнати тројки и изби на второто место на вечната листа на „тројкаши“ во НБА-лигата, на која води Реј Ален со 2.973
КОШАРКА – НБА
Со кош од аголот во третата четвртина во Солт Лејк Сити, кошаркарот на Голден стејт, Стеф Кари (32), го помина славниот Реџи Милер според бројот на постигнати тројки и изби на второто место на вечната листа кошаркари во НБА-лигата. Милер во текот на неговата 18-годишна НБА-кариера постигнал 2.560 тројки на 1.389 натпревари во регуларниот дел од сезоната. Но Кари го помина во неговиот 715-ти меч во кариерата, а во почетокот на неговата 12-та НБА-сезона со 2.562 тројки.
– Тоа е убаво чувство. Го загубивме натпреварот, но јас се радувам во тоа што го чекав многу долго време – рече Кари по натпреварот, во кој Јута го совлада Голден стејт со 127-108.
Првото место со 2.973 тројки во кариерата го држи уште еден НБА-шутер, легендарниот Реј Ален. Со предност од над 400 тројки водството на Ален треба да остане безбедно во 2021 година, но прашање на време е кога Кари ќе го надмине и овој рекорд.
Со вакво темпо на Кари за три поени (4,1 во просек по натпревар), ќе му требаат нешто повеќе од 100 натпревари за да го надмине Ален. Има уште 57 натпревари во оваа скратена сезона од 72 натпревари.
Она што го одделува Кари од Милер и од Ален е темпото со кое тој се искачи на водечката табела на сите времиња. Додека Милер и Ален го искористија ударот за три поени како дел од нивната игра, Кари беше дел од револуцијата за три поени благодарение на неговата способност за шут, а посебно зголемениот акцент на ударот за три поени, пишува НБА на својата интернет-страница.
Во текот на изминатите шест сезони, Кари имаше просек од најмалку 9,8 обиди за три поени по меч секоја година и има три сезони во просек најмалку 11,3 по натпревар. За споредба, највисоко во кариерата на Милер во обидите за три поени во една сезона беше 6,6 во 1996/97 (трет во НБА), а на Ален беше 8,4 во 2005/06 (прв во НБА).
Но брзиот пораст на Кари, не се припишува само на поголемиот обем на обиди за три поени туку и на неговата прецизност. Тој е стрелец со прецизност од 43,3 отсто од далечина, во споредба со 39,5 отсто на Милер и 40 проценти за Ален.
Под претпоставка дека Кари ќе го надмине Ален во тројки, се поставува прашањето кои од сегашните играчи ќе имаат можност да го стигнат во иднина, пишува НБА. Ако се разгледаат просеците по натпревар, а не вкупниот сегашен број на тројки, тогаш, според интернет-страницата на НБА, тоа можат да го сторат најбрзо Данкан Робинсон (3,3 тројки во просек), Клеј Томпсон (2,9), Демијан Лилард (2,9) итн.
НАЈМНОГУ ТРОЈКИ ВО НБА
Реј Ален 2.973
Стеф Кари 2.562
Реџи Милер 2.560