Македонската репрезентација од денеска до понеделник во Перм двапати ќе игра со Италија, а по еднаш со Русија и со Естонија. Од групата Б на ЕП ќе играат домаќинот Италија и уште две селекции

КОШАРКА

Македонската кошаркарска репрезентација денеска (15.30 ч.) во рускиот град Перм треба да го одигра првиот од двата дуела со Италија на решавачкиот квалификациски турнир за пласман на Европското првенство (ЕП), в година. В петок е мечот со Русија, в недела пак со Италија, а в понеделник со Естонија. Италија, која има 10 медали од ЕП (две златни и по четири сребра и бронзи), како домаќин се пласира на ЕП и е водечка во групата Б, од која на ЕП ќе играат уште две селекции.
– Во репрезентациите владее позитивна атмосфера, мотивирани сме. Не се откажуваме, напротив, веруваме во позитивен исход, имаме големи шанси за пласман на ЕП. Нема калкулации, мора да дадеме сѐ од себе, за да изненадиме некоја од посилните репрезентации, за на крајот да ја дочекаме подготвени и уиграни Естонија – вели репрезентативниот бек Андреј Магдевски.

Италија во однос на претходниот ваков турнир во ноември, во Талин, во составот ги нема Давид Морети, Рафаел Гаспардо, Андреа Песиа и Александро Пајола, а нови имиња се бековите Леонардо Канди, Матео Спањоло, Џордано Бортолани, крило-центарот Филипо Балди, центарот Леонардо Тоте и дебитантот, бек-крилото Габриеле Процида.
– Мора да бидеме претпазливи, да се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да победиме на последните три меча иако сме веќе пласирани на ЕП. Јас сум мирен, но сакам да победам – изјави бекот Марко Спису (26) за Кошаркарската федерација на Италија.