Велика Британија ја шокира Грција, Германија загуби од Естонија, Турција од Белорусија

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Неколку шокирачки резултати го обележаа 1-то коло од квалификациите за Светското првенство (СП) во кошарка, кое ќе се одржи во 2023 година (25 август – 10 септември) во Јапонија, Индонезија и Филипини.
Сѐ почна во Минск, каде што Белорусија убедливо со 84-70 ја совлада Турција, а серијата на изненадувања продолжи во Нирнберг, каде што фаворизираната германска репрезентација на свој терен во драматичен меч загуби со 66-69 од Естонија. Големи изненадувања приредија Белорусија и Естонија, со победите над Турција (84-70), односно Германија (69-66), но она што го направи Велика Британија претставува сензација. Во Њукасл, Грција загуби со 69-78. Градот на реката Тајн речиси и да нема допирни точки со кошарката, но сепак ќе биде запаметен како место каде што Велика Британија ја забележа првата победа над Грција по далечната 1984 година. Изненадувањето да биде поголемо е фактот што Грците водеа со 15 поени разлика на почетокот на третата четвртина, па се очекуваше само рутинска победа, но…
На прагот на големо изненадување беше и селекцијата на Летонија, која загуби од фаворизираната Србија со само поен предност, притоа постигнувајќи дури 100 коша. Решавачките поени ги постигна Марко Јагодиќ-Куриџа од линијата за слободни фрлања. На мечот во Белград, Милош Теодосиќ беше најефикасен кај победникот со 21 поен и девет асистенции, додека кај гостите Рихардс Ломазс со 33 поени.
Синоќа македонската репрезентација во рамките на 1-то коло во Скопје го играше првиот натпревар од овие квалификации против актуелниот светски првак Шпанија.


Резултати

Група A: Словачка – Белгија 57-83,
Србија – Летонија 101-100
Групa Б: Белорусија – Турција 84-70, Велика Британија – Грција 78-69
Група Ц: Шведска – Финска 72-62,
Хрватска – Словенија 74-76
Група Д: Израел – Полска 69-61,
Германија – Естонија 66-69