КОШАРКА
Повеќе легенди на кошарката од соседството се кандидати за влез во „Куќата на славните“ во Спрингфилд, САД. Тоа се тренерите Душан Ивковиќ и Ранко Жеравица и кошаркарот Тони Кукоч, меѓу другите. Ова е првпат Ивковиќ да биде номиниран, а Жеравица, кој почина во 2015 година, беше меѓу кандидатите и порано.
Ивковиќ се прослави водејќи ја репрезентацијата на Југославија до светско и до европско злато, како и олимписко сребро, а во клупската кариера освои две титули европски шампион.
Кукоч со репрезентацијата на Југославија има две злата и две бронзи од ЕП, една бронза и злато од СП и едно сребро од ЛОИ, кога играл за СФРЈ, како и едно сребро од ЛОИ со Хрватска. Со Југопластика има три титули европски првак, а со Чикаго три шампионски прстени во НБА.
Конечната одлука за тоа кој ќе биде прифатен ќе биде објавена во април идната година.