ЃОРЃИ КОЧОВ, ТРЕНЕР НА МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ
Една варијанта е кошаркарското првенство да се одложи до февруари в година, а потоа да се одигра регуларна сезона, која би завршила до крајот на јули, со надеж дека дотогаш ќе стигнат вакцини. Втората варијанта, пак, што за мене е понереална пред сѐ од финансиски аспект, е да се игра во „балони“. Но ако, пак, се успее да се организира, тоа е најбезбедната варијанта за сите. На пример лигата АБА 2 годинава ќе биде организирана во „балон“. Првиот е на Златибор на 9 ноември, каде што и ние играме. Излезот го гледам и во честото тестирање на играчите, кое треба да се прави секои пет дена. Само така може рано да се откриваат позитивните. Но за да се оствари ова, тестовите мора да бидат поевтини, вели тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.
Ситуацијата не ја одминува ниту репрезентацијата, вели Кочов.
– Овие карантини во голема мера негативно се одразуваат врз психолошкото здравје на играчите. Замислете, што ако по 14 дена карантин, повторно по 3-4 дена се замине во нов карантин поради некој друг позитивен играч. За таа екипа сезоната е завршена, а формата на играчите и подготовките што ги поминале се изгубени. Проблемот се одразува негативно и на репрезентативен план, оти освен Војдан Стојановски, Стојан Ѓуровски и Ненад Димитријевиќ, никој не игра, а нѐ чекаат ноемвриските квалификации во Естонија. Затоа мора сите заедно да најдеме сили како да профункционира кошарката. Мора да имаме висока самоодговорност и чести тестирања, оти без нив сметам дека не може да се функционира – вели Кочов.
Г.И.