БАЛКАНСКИ МЕДИУМИ

Веста за трагичната смрт на Благоја Георгиевски ја објавија и голем број медиуми во соседните земји. На интернет-страницата на Радио-телевизија Србија, во веста насловена „Легендарниот Благоја Георгиевски-Буштур настрада во сообраќајна несреќа“, меѓу другото, се вели дека поранешниот плејмејкер бил дел од златната генерација на поранешната репрезентација на Југославија во седумдесеттите години од 20 век, непрооден во одбраната.

„Загина Благоја Георгиевски, иконата на македонската кошарка, еден од најдобрите кошаркари на Македонија на сите времиња, сребрениот во дресот на СФР Југославија на Игрите во Монтреал во 1976-та“, стои на порталот „Мондо“.

Интернет-порталот „Курир“ напиша дека поранешниот репрезентативец на СФР Југославија, богатата кариера ја поминал во Работнички и оти со репрезентацијата освоил неколку медали на големите натпреварувања. Веста ја илустрираа со фотографии на Георгиевски од неговите активни кошаркарски денови.