Дел од кошаркарските ѕвезди не беа импресионирани од понудената храна или од собите во спортскиот комплекс во Орландо, каде што моментно се собрани 22 од 30-те тимови од НБА-лигата со цел да ја завршат сезоната.
Љубителите на кошарката имаат увид во условите во кампот, благодарение на социјалните мрежи, каде што кошаркарите редовно објавуваат фотографии и видео-снимки.
Меѓу оние кои се пожалија на квалитетот на храна беа Џоел Ембид (Филаделфија), Бен Меклемор (Хјустон) и Трој Даниелс (Денвер). На плејмејкерот на Лос Анџелес лејкерс, Ражон Рондо, не му се допадна сместувањето.
Други, пак, се задоволни од условите во Орландо.
– Ова е солидно зготвено за мене – напиша Демари Керол од Хјустон на Твитер, коментирајќи го оброкот со пилешко, боранија и салата.
Примедби немаше ниту центарот на Бостон Енес Кантер, а Маерс Ленард од Мајами изрази задоволство поради вафлите во облик на стрип-јунакот Мики маус.
Бекот на Филаделфија Бен Симонс, како и двоецот од Лос Анџелес клиперс Пол Џорџ и Монтрез Херел се занимаваа со риболов во кампот, додека повеќемина кошаркари најавија дека ќе го поминуваат слободното време играјќи голф. Атракциите на забавниот парк на Дизни, во рамките на кој е поставен кампот, исто така ќе им бидат на располагање на играчите.
– Хотелот е во ред. Храната е во ред. Се е во ред. Ние сме тука да играме кошарка и да ја продолжиме нашата мисија. Имаме одговорност и работа што треба да ја завршиме – категоричен беше Џа Морант од Мемфис.
Изминатите четири дена во Орландо тимовите ги имаа првите тренинзи во полн капацитет, по прекинот на сезоната на 11 март. Предвидено е натпреварувањето да продолжи на 30 јули, а плејофот да заврши до 13 октомври.