КОШАРКА
Американската кошарка објави имиња на дури 57 играчи кандидати за олимписки тим, од кои само 12 ќе ја имаат таа среќа да настапат на Олимписките игри (ОИ) во Токио за четири месеци. На првобитната бројка од 42 играчи избрани во февруари, селекторот Грег Попович додаде уште 15 нови имиња. Од нив најзастапен е клубот Бруклин, од чии редови доаѓаат шест играчи. Така, на списокот фигурираат најдобрите кошаркари на САД, како што се Леброн Џејмс, Каваи Ленард, Кајри Ирвинг, Стеф Кари, Џејсон Тејтум, Џејмс Харден, Бредли Бул, Ентони Дејвис, Кевин Дурант и многу други.
Кошаркарската репрезентација на САД, која го освојуваше златниот медал на последните три ОИ (Пекинг 2008, Лондон 2012 и Рио де Жанеиро 2016), и сега важи за прв фаворит за златниот медал.
Новите 15 кошаркари додадени на поширокиот список се: Џерет Ален, Ерик Гордон; Џереми Грант, Блејк Грифин, Дру Холидеј, Деандре Џордан, Зак Лавин, Џулиус Рендл, Данкан Робинсон, Мичел Робинсон, Фред ван Влет, Џон Вол, Сион Вилијамсон, Кристијан Вуд и Треј Јанг.