Второто пребројување на гласовите на почетните кошаркарски петорки ќе биде на 11 февруари, а гласањето ќе заврши на 16 февруари, додека олстар-дуелот ќе се одржи на 7 март во Атланта
Кевин Дурант (Бруклин, со 2.302.705 гласа) и Леброн Џејмс (ЛА Лејкерс, 2.288.676) водат во генералниот пласман по првиот пресек на гласањето на почетните петорки во пресрет на годинашниот олстар-натпревар во НБА, кој сепак е одлучено да се одржи во Атланта (5-7 март), иако беше неизвесно. Ако, на пример, гласањето беше запрено сега, тогаш почетната петорка на Западот би била: Леброн Џејмс, Стеф Кари (Голден стејт, 2.113.178), Лука Дончиќ (Далас, 1.395.719), Каваи Ленард (ЛА Клиперс, 1.285,777) и Никола Јокиќ (Денвер, 1.477.975). На Истокот, пак, покрај Дурант, тоа би биле: Кајри Ирвинг (Бруклин, 1.093.611), Бредли Бил (Вашингтон, 1.273.817), Јанис Адетокунбо (Милвоки, 1.752.185) и Џоел Ембид (Филаделфија, 1.584.038).
– Апсолутно немам ни енергија ни какво било возбудување за годинашниот олстар-натпревар. Воопшто не знам зошто и го имаме кога се соочуваме со пандемија. Не сум среќен поради ова, но таков е договорот и ништо не можам да сменам. Ќе бидам присутен физички ако бидам избран, но не и ментално – рече Леброн Џејмс.
Второто пребројување на гласовите ќе биде на 11 февруари, а гласањето ќе заврши на 16-ти, на 18-ти ќе бидат познати почетните петорки, а до 23 февруари ќе се знаат сите учесници на традиционалниот ревијален настан. Инаку, кошаркарите се поделени во две поткатегории и во двете конференции – високи играчи и бекови. Се преговара и за тоа дали покрај натпреварот ќе ги има традиционалните натпревари во тројки и во забивање.
Навивачите ќе соберат 50 отсто од гласовите, додека сите сегашни играчи и Комисијата за медиуми ќе сочинуваат по 25 отсто од гласовите. Играчите и медиумите исто така ќе можат да пополнат едно гласачко ливче и од Источната и од Западната конференција. Г.И.