Според „Форбс“, Џејмс сезонава ќе заработи најмногу, 88,7 милиони долари, а Џејмс, Кари и Дурант заработуваат повеќе пари од зделки надвор од теренот, отколку од платите за играњето кошарка
Леброн Џејмс, кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс и понатаму е најдоброплатениот во НБА, но има сѐ повеќе НБА-ѕвезди што ги зголемуваат приходите преку активностите надвор од теренот, преку рекламните договори, покажува истражувањето на „Форбс“.
Според магазинот, Џејмс, кој е со најголема заработка меѓу кошаркарите петта година едноподруго, сезонава ќе заработи 88,7 милиони долари. Од таа сума околу 35,7 милиони се плата и бонуси, а 53 милиони се од комерцијални зделки.
Асот на Голден Стејт вориорс, Стеф Кари, е на второто место на листата со заработка од 79,5 милиони долари, со плата од 37,5 милиони долари и од 42 милиона долари од дополнителни приходи од спонзори. Кевин Дурент, колегата на Кари, е трет на таа листа со заработка од 65 милиони долари. Околу 30 милиони долари од заработката на Дурант се плата. Дурант досега заработил повеќе од 400 милиони долари во кариерата, наведува „Форбс“.
Зад оваа тројка, следува Расел Вестбрук од Оклахома сити со 53,7 милиони долари. Повеќето пари Вестбрук ги добива од профитабилниот петгодишен договор со Тандерс, наводно, вреден 207 милиони долари. Дополнителните 18 милиони долари трипл-дабл кралот ги заработува од рекламирање.
Актуелниот најкорисен играч (МВП), Џејмс Харден, ја заокружува листата од петмина со заработка од 47,4 милиони долари (плата 30,4, плус 17 милиони долари од рекламни зделки). Истражувањето на „Форбс“ покажа дека 10-те најдобри НБА-играчи годинава ќе инкасираат околу 540 милиони, што е повеќе за 180 милиони долари од пред пет години.
Во извештајот се укажува и дека најголемите НБА-ѕвезди се обидуваат да формираат и да ги шират своите лични брендови и компании за да заработат уште повеќе. Џејмс, Кари и Дурант заработуваат повеќе пари од зделки надвор од теренот, отколку од платите за играњето кошарка.