На третиот турнир на ова натпреварување, МЗТ Скопје Аеродром треба да игра уште со Ловќен в петок и со Младост в недела, а Работнички со Сутјеска в петок и со Широки в недела

КОШАРКА – ВТОРА ЈАДРАНСКА ЛИГА

Македонските претставници во кошаркарската Јадранска лига 2, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, денеска (од 11 часот), треба да се сретнат во рамките на третиот т.н. „балон“, како последен дуел од осмото коло од ова натпреварување, кое од 1 до 7 март се одржува во Сараево (БиХ). Четвртиот, последен ваков турнир од регуларниот дел на лигата сезонава е предвиден повторно да се игра, како и првиот, на Златибор (22-28 март), а вториот се играше во Бања Лука.
МЗТ Скопје Аеродром во Сараево треба да игра уште со Ловќен в петок (од 12 часот) и со Младост Земун в недела (16 ч.), а Работнички со Сутјеска в петок (16 ч.) и со Широки в недела (12 ч.). МЗТ Скопје Аеродром со скор 4-3 моментно е на осмото место со 11 бода, а Работнички има девет бода и ефект 2-5. Ист број бодови имаат и Сутјеска (2-5), Хелиос (1-7) и Ловќен (2-5). Води Студентски центар од Подгорица со седум победи, без пораз, односно со 14 бода, Борац, Младост и Спарс имаат по еден бод помалку, но и натпревар повеќе (скор 5-3) итн.
Редовната сезона е поделена на четири турнири, со еден турнир во кој се играат четири кола и три турнири со по три кола. По 13-те кола ќе следуваат плејофот (со осум екипи) и плејаутот (со четири екипи). Четврт-финалето ќе се игра според нокаут-систем (првиот против осмиот, 2-7, 3-6 и 4-5). Во плејаутот по нокаут-систем ќе се сретнат екипите со пласман 11-14 и 12-13.