Бол собра 22 поена, 12 скока и 11 асистенции и со 19 години и 140 дена стана најмладиот играч во НБА-лигата со двоцифрен ефект во три статистички категории

НБА

Една вечер откако го пропушти својот прв т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) во кошаркарската НБА-лига за една асистенција во победата над Њу Орлеанс, Ламело Бол од екипата на Шарлот се врати во вистинско светло на дуелот против Атланта (113-105), притоа запишувајќи се во историјата на натпреварувањето. Бол, изборот број три на минатогодишниот драфт, собра 22 поена, 12 скока и 11 асистенции и со 19 години и 140 дена стана најмладиот играч во НБА-лигата со трипл-дабл.
Со тоа тој го надмина Маркел Фулц од Филаделфија, кој претходниот рекорд го постави на 19 години и 317 дена. Бол во исто време може да се пофали и во своето семејство, оти го надмина и својот брат Лонзо (20 години и 15 дена) за повеќе од седум месеци. Бол засега има просек од 11,8 поени, 5,7 скока и 5,3 асистенции на девет натпревари.
Други значајни кошаркари што го остварија својот прв трипл-дабл на таква возраст се Лука Дончиќ (19 години и 327 дена), Леброн Џејмс (20 години и 20 дена) и Меџик Џонсон (20 години и 75 дена).
Сезонава во Источната конференција по 10 меча водат Филаделфија и Бостон, со по седум победи и три порази, а во Западната, Феникс и ЛА Лејкерс со истиот ефект.