Џејмс го има најпродаваниот дрес преку интернет-продавниците на НБА од продолжението на сезоната до пред финалето, а додаде и повеќе од 4,1 милиони нови следбеници на своите профили на Твитер и на Инстаграм, откако НБА-лигата продолжи по прекинот поради пандемијата на ковид-19, пишува „Асошиејтед прес“
КОШАРКА – НБА
НБА ги објави податоците за продажбата на дресови и популарноста на социјалните мрежи, а Леброн Џејмс, ѕвездата на Лос Анџелес лејкерс, е на врвот и на двете листи. Тој го има најпродаваниот дрес преку интернет-продавниците на НБА, за периодот од продолжението на сезоната (30 јули), па до крајот на конференциското финале, пишува „Асошиејтед прес“.
По него во првата петорка, според продажбата на дресови, се и Лука Дончиќ (Далас), Ентони Дејвис (ЛА лејкерс), Џејсон Тејтум (Бостон) и Јанис Адетокумбо (Милвоки). Следните две места на списокот на продажби на дресови ги заземаат играчи што не беа дел од продолжението на НБА-лигата, а тоа се Стивен Кари (Голден стејт) и Кевин Дурант (Бруклин). Најдобриот играч на Мајами, Џими Батлер, пак, беше на 10-то место, според продаваноста на дресовите.
Џејмс, исто така, додаде и повеќе од 4,1 милиони нови следбеници на своите профили на Твитер и на Инстаграм, откако НБА-лигата продолжи по прекинот поради пандемијата на ковид-19. Тајлер Хироу (20) од Мајами е втор на оваа листа, додавајќи речиси 800.000 следбеници на социјалните мрежи.
Според НБА, Хироу забележал најголем пораст на додадени следбеници од 41 отсто, меѓу сите играчи за време на финалето на конференцијата. Неговиот вкупен број на Инстаграм е речиси двојно зголемен од продолжението на сезоната, односно од 990.000 на 1,7 милион. Хироу стана првиот кошаркар роден во 2000-тите години што играл во НБА-финалето кога настапи во текот на првата четвртина од натпреварот број 1.
НБА годинава е на добар пат да постигне рекорден број поени во плејофот од кога било порано. Рекордот во постсезоната од 17.719 поени е поставен во 2014 година. Во Лигата, до првиот натпревар од НБА-финалето, беа постигнати околу 16.900, што значи дека и ако едниот тим го елиминира другиот во оваа серија со 4-0 во победи, тимовите треба да имаат просек од само 102,4 поени по натпревар за да биде соборен рекордот според вкупниот број поени во плејоф (по два меча во финалето просекот е 113 поени).
Во однос на поените по натпревар, тој рекорд е веќе сигурен. Тимовите во плејофот од 1967 година постигнувале просечно по 115,8 поени. Но тој од оваа сезона (од средата), од 109,7 поени по екипа по натпревар, е најголем по оној во 1987 година, кој изнесуваше 110,4 поени.
По првите два меча во финалето, ЛА лејкерс води со 2-0 во победи на дуелот со Мајами. Рано утринава на програмата беше третиот меч од серијата што се игра до четири победи.