Лошото време и густата магла, но и низа грешки на пилотот се најверојатно причините за страшната несреќа во која синоќа загина НБА-легендата Коби Брајант заедно со својата 13-годишна ќерка Џиана и уште седуммина, во хеликоптерот кој се урна во Калифорнија, објави „Ти-ем-зи“, порталот кој прв ја соопшти страшната вест во јавноста.
Полициските хеликоптери биле приземјени поради лошите временски услови и густата магла, но хеликоптерот со Коби и осумте труги патници меѓу кои и пилотот сепак полетале вчера рано наутро по американско време за да стигнат во „Мамба Академијата“ на бившиот кошаркар на ЛА лејкерс.
Според информациите, хеликоптерот имал проблеми над зоолошката градина во Лос Анџелес каде кружел повеќе од 15-на минути.
Околу 9.30 часот, пилотот имал комуникација со аеродромот Бурбанк, кои знаеле дека 15 минути хеликоптерот со Брајант кружи во тоа подрачје, а потоа пилотот тргнал на север кога завртел кон запад и почнал да се искачува над автопатот 101 кај Вудланд Хилс.Десетина минути подоцна, кога се соочиле со уште поголема магла, „Ти-ем-зи“ посочува дека е направена клучната грешка на пилотот. Тој го свртел курсот кон југ, а всушност тргнал кон планинско подрачје во непрегледна средина, каде се урнал.
– Времето во Лос Анџелес во неделата беше исклучително магловито, па дури и воздушната поддршка за полицијата беше приземјена. Според податоците од Контролата за летање, хеликоптерот на Коби се соочил со првите проблеми над зоолошката градина во Лос Анџелес. Тој кружел најмалку шест пати, најверојатно чекајќи маглата да се расчисти. Пилотот потоа ја контактирал контролната кула на аеродромот Бурбанк, по што се упатил најпрвин на север, а потоа свртел кон запад. Во 9.40 часот маглата станала уште погуста, а пилотот свртел кон југ, што е клучно бидејќи го насочил хеликоптерот кон реон со планини. Тој го искачил леталото од 1.200 на 2.000 стапки височина, но само пет минути подоцна се удрил во планина, на височина од 1.700 стапки – се вели во извештајот до кој дојдоа американските медиуми.
На местото на несреќата, тим од 18 лица на Националната служба за безбедност на транспортот (НТСБ), бараа докази и ја пребарува црната кутија од хеликоптерот. Според првичните информации, по падот на хеликоптерот се случил силен пожар. Полицијата во Лос Анџелес потврди дека поради магла и намалена видливост ги приземјила своите хеликоптери во текот на раните утрински часови до попладнето. Оттаму информираа дека тоа се случува кога видливоста е минимум до три километри, а растојанието помеѓу облачниот масив и теренот е 243 метри.
Приватниот хеликоптер на Брајант се урна вчера пред 10 часот локално време во Калабасас, околу 50 километри северозападно од Лос Анџелес, Калифорнија.Според последните податоци, во леталото се наоѓале вкупно девет лица, сите се погинати, соопшти полицијата од Лос Анџелес.
Брајант и сопатниците патувале на младински кошаркарски турнир. Помеѓу нив биле и ќерката на Брајант, Џиана, бејзбол тренерот Џон Алтобели, неговата сопруга Кери и нивната ќерка Алиса, која играла во ист тим со Џиана.