Новата сезона во НБА-лигата почна во знакот на кошаркарите кои се викаат Никола – Србинот Јокиќ (23) и Црногорците Миротиќ (27) и Вучевиќ (27), кои прикажуваат извонредна игра во воведните мечеви.
Центарот на Денвер нагетс Јокиќ е прогласен за играч на неделата во Западната конференција, откако забележа просек од 26,3 поени, 10,3 скока и 7,3 асистенции во трите победи во исто толку мечеви на неговиот тим. Згора, популарниот Џокер оствари историски трипл-дабл (двоцифрен учинок во три статистички категории) со 35 коша, 12 фатени топки и 11 успешни додавања за 30 минути на паркетот против Феникс санс, во кои немаше промашување од игра (11-11). Јокиќ на тој начин го повтори подвигот на легендарниот Вилт Чемберлен кој во два наврати стигна до трипл-дабл без промашување од поле.
Крилниот центар на Њу Орлеанс пеликанс Никола Миротиќ, кој е натурализиран шпански репрезентативец, блеска со просечни 33 поени, 9,5 скока и 2,5 асистенции во двата одиграни натпревари.
Центарот Вучевиќ го предводи Орландо Меџик со остварени 18,8 поени, 10,3 скока и 5,3 асистенции по меч, на четири дуели сезонава. Вучевиќ, исто така, веќе има еден трипл-дабл сезонава (27 п./13 с./12 а.) во мечот против Филаделфија.
– Ова е недела на играчите кои се викаат Никола. Миротиќ имаше неколку мечеви со 30 поени, Вучевиќ имаше трипл-дабл и Јокиќ имаше историски меч, каков што не сме виделе уште од 60-те години. Веројатно би требале да провериме кој е најдобриот заеднички учинок за одредено име во првата недела на НБА сезоната – истакнаа кошаркарските експерти во САД, коментрирајќи го учинокот на играчите кои се викаат Никола.
Тие имаа совет и за љубителите на кошарката кои го носат истото име.
– Ако се викате Никола, работете на вашата игра. Веројатно ќе бидете високи околу 190 сантиметри, ќе имате одлични способности за шутирање и за додавање и ќе ви се случат добри нешта – порачаа на шега познавачите на кошарката. М.Ж.