ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (135)
Без оглед дали настапуваше за МЗТ Скопје или за Работнички, Владичевски беше омилен кај навивачите и од Аеродром и од Градски парк
Низ македонската кошарка во минатите години поминаа многу кошаркари од најразлични профили, кои на еден или на друг начин, секој во рамките на своите можности, вградија дел од своето знаење. Едни се истакнуваа играјќи на центарските и на крилните, други на бековските и на плејмејкерските позиции. Еден од оние за кого тренерите немаа дилема дека може да одговори еднакво на позицијата еден и два, значи да биде бек-шутер или креатор на играта, беше Влатко Владичевски. Тој најубавиот дел од кариерата го помина во двата наши најпопуларни клуба, Работнички и МЗТ Скопје. Инаку, заедно со својот долгогодишен „компањон“ Зивчевиќ (популарно наречен Тумба) почетоците ги имаше во тимот од Градски парк. Меѓутоа, двајцата некако не беа по вкусот на Лазар Лечиќ и со негова дозвола им беше отворена вратата да заминат во друга средина. Двајцата го одбраа месниот ривал МЗТ Скопје и не згрешија. Тука, не само што заиграа и придонесоа за успесите на клубот, туку изградија блескави кариери.
Сеќавајќи се на тоа време, Владичевски вели дека практично тој бил отстранет од Работнички, како неталентиран.
– Многу бев погоден од фактот што бев прогласен за неталентиран. Знаев дека во себе кријам нешто, што во тој момент и Лечиќ не можеше да го открие, па затоа решив да ѝ се посветам максимално на кошарката и да им докажам на сите дека не сум неталентиран, туку напротив дека сум роден за кошарката. Тоа подоцна и се покажа, особено со настапите во МЗТ, во најплодниот период на клубот, а потоа и во Работнички, па и Никол Ферт од Гостивар – вели Владичевски.
ЛЕЧИЌ СЕ КРСТЕШЕ ВО ВЛАДИЧЕВСКИ
Истиот оној Лазар Лечиќ, кој го отпиша Владичевски, како неталентиран, кога во 1984 година дојде на кормилото на МЗТ Скопје, се крстеше во Владичевски. Тој го призна тоа и потоа, а откако со МЗТ зачекори и на прволигашката југословенска сцена често знаеше да каже: „Влатко е најдобриот играч на позициите еден и два“. Тој знаеше како плејмејкер да ја гради играта и со своите потези да ги изненади противниците, а, исто така, располагаше со прецизен шут, што со право го вбројуваше во редот на најдобрите југословенски гард-шутери.
Така, по неколку години работите се сменија, па дури и Лечиќ ја призна грешката што ја направи со процената околу квалитетите на Владичевски. Потоа, тој беше оној што го туркаше и настојуваше да го пласира Влатко на она место што навистина го заслужува, а тоа беше да стане репрезентативец на Југославија. Тоа навистина и се случи. Владичевски беше повикан во најсилниот состав, но некако тој репрезентативен повик го прифати со недоверба и малодушност, што подоцна и му се одрази на неговата репрезентативна кариера.
– Не дека не сакав да играм за репрезентацијата, напротив, имав голема желба да настапувам за најдобриот југословенски состав и ми годеше кога тогашниот селектор легендарниот Крешимир Ќосиќ ме повика во националниот тим. Но самиот бев свесен дека имам мали шанси да станам стандарден репрезентативец, бидејќи на бековската позиција покрај мене тука беа и играчите од калибарот на Даниловиќ, Ѓорѓевиќ и Комазец, кои покрај квалитетот со кој располагаа настапуваа и за многу посилни и поафирмирани екипи. Затоа, моите репрезентативни амбиции полека се стопија и сета енергија ја насочив кон клупските настапи – вели од оваа временска дистанца Владичевски.
ПРОТИВ БОСНА – 47 ПОЕНИ
Во натпреварувачката сезона 1986/87 МЗТ Скопје стана прволигаш. Владичевски беше клучниот играч за успехот, иако не може да се намали и заслугата што ја имаа Гешовски и Радосављевиќ, кои дојдоа од Работнички, потоа Кафеџиски, Медиќ и сите играчи, кои предводени од Лечиќ и од Књазев поминаа низ тешките второлигашки битки и со триумф ја завршија сезоната.
– Ми се чини имаше два натпревара што одиграа решавачка улога за конечниот успех. Тоа беа дуелите со Морнар и со Раднички, кои како гости ги решивме во наша корист, со што практично го отворивме патот кон конечниот триумф и пласманот во Првата југословенска лига. Инаку, што се однесува до другите тимови во лигата ,најмногу мерак ми правеа мечевите со Зорка од Шабац. Шапчаните никако не можеа да најдат решение да ме неутрализираат, правев што сакам, просто си поигрував со нив. Некако и јас бев посебно мотивиран, па така им станав како ноќна мора – вели Владичевски.
Влатко Владичевски имаше забележителни настапи и во најсилната југословенска лига. За тоа колку беше моќен, квалитетен и прецизен говори и податокот што на мечот со Босна, во кој за да се добие победникот се играа две продолженија, тој забележа можеби југословенски рекорд, што се однесува до ефикасноста на еден натпревар – постигна дури 47 поени.
– Сѐ ми одеше од рака. Уште на почетокот видов дека со Мутапчиќ, кој беше задолжен да ме чува, ќе можам лесно да излезам накрај. Така, во текот на средбата просто си поигрував со него и често го доведував во смешна ситуација. Трчаше околу мене, се бореше, се нервираше, но никако не можеше да ме сопре. Тогаш се потврди она што често знаевме да го кажеме – кога ќе тргне, ќе тргне. Тоа ми се случи и мене, ми тргна и сѐ ми одеше од рака – се сеќава Влатко.
ВРАЌАЊЕ ВО РАБОТНИЧКИ
Во периодот на распадот на поранешна Југославија, Владичевски се враќа во матичниот клуб Работнички. Тогаш Влатко како да ги обедини, инаку поделените навивачките групи од Аеродром и од Градскиот парк. На почетокот оние што ги напуштил, малку му се лутеа и не знаеја како да се однесуваат кога ќе го видеа во дресот на лутиот противник. Потоа, сѐ доаѓаше на свое. Тој беше толку омилен и кај едните и кај другите, така што лутината не ги држеше долго. За нив тој секогаш остануваше Влатко и го почитуваа она што го дал и за МЗТ Скопје и за Работнички.
– Кога се вратив во Работнички, мислев дека „штрковите“ нема никогаш да ми простат. За среќа, тоа не беше така, па во првиот меч против нив дури ми аплаудираа кога ќе постигнев кош. Во тие мигови имав чувство како да ми паднал тежок камен од срцето. Потоа сѐ беше нормално, единствено јас не бев задоволен од третманот во клубот. Бев ставен во втор план од тренерот Заре Марковски. Зошто беше така не знам, но тоа беше причина, откако во МЗТ Скопје за тренер дојде Балетиќ, да се вратам во тимот од Аеродром. Потоа, дојде онаа 1996 година, кога под командната палка на Лечиќ првпат го освоивме Купот на Македонија совладувајќи го во финалето Работнички со 69-64. Во клубот од Аеродром имав добра соработка и со еден од нашите најдобри и најискусни тренери Александар Књазев, со чие име се поврзани и најголемите дострели на МЗТ Скопје на европската сцена, меѓу кои беше и победата над Реал од Мадрид – вели тој.
Владичевски, сакајќи да им отстапи место на помладите кошаркари, почнува да размислува за повлекување, но никако не може да пресече, па ја прифати поканата од Никол Ферт од Гостивар да биде тренер и играч.
– Многу е тешко да се усогласат двете работи. Едно е да си само тренер, а друго е да си и тренер и играч. Некогаш на теренот се преплетуваат тие две работи и доаѓа момент кога се чувствуваш како загубен. Но некако првата година издржав, успеав тимот да го внесам во Првата македонска лига, што беше голем успех, а во втората сезона бев порелаксиран зашто бев само играч. Потоа дојде до некои несогласувања во клубот, што беше причина за конечен прекин со активното играње – вели тој.
Летна пауза до септември
Серијалот на Зоран Михајлов на страниците на „Нова Македонија“ за великаните на македонскиот спорт ќе паузира во текот на летниот период. Од септември читајте ги новите продолженија од репортерскиот бележник на доајенот на македонското спортско новинарство, секој понеделник, во прилогот на спортската рубрика.
Незаборавна турнеја во Кина
Од многубројните доживувања на кошаркарскиот терен и надвор од него Владичевски ја одделува турнејата во Кина.
– Како награда за влегувањето во Првата југословенска лига во 1986 година ни беше организирана турнеја во Кина. Таму останавме две недели, одигравме неколку натпревари во повеќе градови и се вративме со многу впечатоци од најмногубројната земја во светот. Посебно бевме почестени што ние бевме првите спортисти од Македонија што гостуваа во Кина – вели Владичевски.
Лична карта
Роден: во 1961 година во Скопје
Кариера: Работнички, МЗТ Скопје, Никол Ферт, репрезентација на Југославија
Успеси: влегување со КК МЗТ Скопје во Првата југословенска лига, освоен Куп на Македонија со МЗТ 1996 година, со Никол Ферт како тренер и играч влегување во Прва македонска лига