Македонскиот спорт остана посиромашен за еден од најдобрите спортисти на минатиот век во Македонија, но истовремено е и горд што имаше ваков играчки великан, кој е пример за многу генерации

Благоја Георгиевски-Буштур, легендата и синоним за македонската кошарка, визионер со поглед вперен кон модерна кошаркарска иднина, кој ги прослави македонската и југословенската кошарка, трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Скопје, во средата. Македонскиот спорт остана посиромашен за еден од најдобрите спортисти на минатиот век во Македонија, но истовремено е и горд што имаше ваков играчки великан, кој е пример за многу генерации.

Георгиевски беше роден на 15 октомври 1950 година во Скопје. Најголем дел од својата играчка кариера помина во Работнички, клуб со кој се натпреваруваше во Првата југословенска лига. Во 1976 година со Работнички стигна и до полуфиналето на Купот на победниците на куповите. Беше член на младинската репрезентација на Југославија, која предводена од тренерот Лазар Лечиќ триумфира на Балканијадата во Риека во 1970 година. Во 1971 година, со југословенската сениорска репрезентација освои сребрен медал. Георгиевски беше учесник и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Минхен (1972) и во Монтреал (1976), каде што се закити со сребро, што е најголем резултат на еден македонски кошаркар во историјата на овој спорт.

По осамостојувањето на Македонија, Георгиевски работеше како тренер, а беше и селектор на македонската репрезентација, како и прв генерален секретар на Македонската кошаркарска федерација. Беше член на УО на собранието на Македонскиот олимписки комитет, претседател на Олимпискиот совет при МОК, а беше и потпретседател на највисоката спортска институција во Македонија. Беше член и на Клубот на великаните на Македонскиот олимписки комитет од 1997 година.

Ќе ни недостигаат неговите кошаркарски совети, неговите незаборавни кошеви, со кои ги „кинеше“ мрежичките на обрачите, незапирливите пробиви во решавачките моменти, со кои ја креваше публиката на нозе, како и она познато ехо „Буштур мајсторе, Буштур мајсторе“, кое засекогаш ќе одѕвонува кај македонската спортска јавност. 


МОК: Почивај во мир, легендо наша олимписка

Од Благоја Георгиевски во текот на вчерашниот ден се простија голем број институции и поединци. Македонскиот олимписки комитет (МОК), во текстот со наслов „Почивај во мир, легендо наша олимписка“, напиша: „Благоја Георгиевски-Буштур беше потпретседател на МОК, член на Управниот одбор и на Собранието на МОК, претседател на олимпискиот совет при МОК. Тој беше и член на Клубот на великаните на МОК од 1997 година, освојувач на сребрен олимписки медал од Игрите во Монтреал во 1976 година, на сребрен медал од Европското првенство во 1971 година, како и на два златни медала од Медитеранските игри во 1971 и 1975 година“.
Од кошаркарскиот великан се прости и македонскиот боксерски великан, освојувачот на олимписка бронза од Монтреал во 1976 година и на злато од ЕП во Хале во 1977-та, Аце Русевски, кој на својот фејсбук-профил напиша: „Слава му. Легендите никогаш не умираат“, а од Агенцијата за млади и спорт, меѓу другото, напишаа: „Легендите никогаш не умираат. Благоја Георгиевски секогаш ќе биде во нашите мисли, во нашите срца и во нашите спомени“. Последен поздрав од Агенцијата за млади и спорт“.
Од Георгиевски се прости и Фудбалската федерација на Македонија: „Невозможно е во еден текст да го опишеме неговиот придонес за македонскиот спорт. Беше визионер и градител. Легенда. Ни остануваат спомените, приказните, сеќавањата и сведоштвата за Буштур како кошаркар и како човек. Вечна слава. Почивај во мир, легендо“.

Комеморација во 12 ч.
По повод смртта на Благоја Георгиевски денеска напладне, заедничка комеморација ќе одржат Македонскиот олимписки комитет, Кошаркарската федерација на Македонија и град Скопје во хотелот „Дабл три Хилтон“ во Скопје.