Шпанија и Украина беа многу тешки мечеви за нас, но мора да одиме понатаму, има уште да се игра. Се надевам дека во февруари ќе бидеме комплетни. Ни недостигаа пет кошаркари, тоа е многу и ни прави проблем во подготовките, вели селекторот Бајиќ. Квалификациите продолжуваат во февруари, со мечевите на гости и дома со Грузија. Во следната фаза ќе се пласираат по три селекции од секоја од осумте квалификациски групи

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023, УКРАИНА – МАКЕДОНИЈА 78-61 (30-34)

Имавме краток период на подготовка за овој меч. Ги испочитувавме работите за кои се договоривме во поголемиот дел од мечот. Влеговме во дуелот со еден бавен ритам, не дозволивме Украина да се разигра, менувавме одбрана, имавме контрола врз играта, скокот, немавме грешки. Но во вториот дел снемавме енергија. Можеби напорниот пат си го направи своето. Ја загубивме концентрацијата и се распадна сето она што го градевме претходно. Фокусот и концентрацијата на крајот одлучија. Шпанија и Украина беа многу тешки дуели за нас, но мора да одиме понатаму, има уште да се игра, а во февруари се надевам дека ќе бидеме комплетни. Ни недостигаа пет кошаркари, тоа е многу и ни прави проблем во подготовките, вели селекторот на македонската репрезентација Драган Бајиќ, по поразот во квалификациите за Светското првенство (СП) во 2023 година, од Украина, на гости, со 61-78.
Македонските кошаркари не успеаја да направат изненадување, иако по првите 20 минути со одлична дефанзивна игра водеа со 34-30, а највисоката предност изнесуваше 31-23. Следуваше израмнување 41-41, за потоа полека домаќинот да ја преземе играта во свои раце, особено во последната четвртина. Бојан Крстевски со 14, Џејкоб Вајли со 12 и Адем Мекиќ со 10 поени беа најпрецизни кај Македонија, а кај Украина, Артем Пустовиј со 18 коша.
– Одигравме многу добро прво полувреме, но не продолживме во ист ритам. Немавме концентрација во продолжението, а така беше и со Шпанија. Мора да бидеме на ниво во текот на сите 40 минути, ако сакавме да победиме. Не одигравме толку лошо за да загубиме со висока разлика. Се надевам дека во иднина ќе бидеме подобри и ќе растеме како тим – рече капитенот Крстевски.
Квалификациите продолжуваат во февруари, со мечевите на гости и дома со Грузија. Во следната фаза ќе се пласираат по три селекции од секоја од осумте квалификациски групи, а по првите две кола без пораз се репрезентациите на Белгија, Словенија, Израел, Франција, Литванија, БиХ, Шпанија и на Русија.


ГРУПА Г

Украина – Македонија 78-61
Шпанија – Грузија 89-61

ТАБЕЛА
Шпанија 2 2 0 4
Грузија 2 1 1 3
Украина 2 1 1 3
Македонија 2 0 2 2

Следни натпревари: Грузија – Македонија, Шпанија – Украина (24.2.2022), Македонија – Грузија, Украина – Шпанија (27.2.2022).