Актуелниот шеф на стручниот штаб на ЖКК Вардар и доскорешен асистент-тренер во македонската најдобра селекција, Александар Ашаданов (32), ќе ја предводи женската сениорска репрезентација на Македонија во наредниот циклус од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи во 2023 година во Словенија и Израел. Македонија во квалификациите е во групата А заедно со Германија, Белгија и БиХ.
Ашаданов треба да го продолжи континуитетот во работата на сениорската репрезентација, особено ако се земе в предвид фактот дека и во претходниот период тој беше составен дел од стручниот штаб, кој пак, во изминатите квалификации го предводеше селекторот Владимир Ѓоровиќ.
шаданов важи за еден од најперспективните млади тренери во Македонија. Во минатата сезона активно учествуваше во успесите на екипата на Баскет Кам 2011 со која ја освои двојната круна, првенството и Купот на Македонија. Изборот за селектор е неговиот најголем предизвик со кој ќе се соочи во кариерата.
– Чест и задоволство е да се биде селектор на една репрезентација, а уште повеќе ако станува збор за својата земја. Огромна благодарност до раководството на кошаркарската федерација, кое одлучи да ме назначи за селектор на сениорките. Ова е голем предизвик за мене како тренер, а предизвиците отсекогаш биле моја енергија и мотивација. Голем ентузијаст сум и верувам во квалитетот на нашите репрезентативки – изјави за официјалната страница на КФМ, новиот селектор Ашаданов. Г.И.