Според анонимната анкета, играчите би сакале не само да дојдат до плејофот туку и да продолжат барем дел од регуларната сезона, објави АП
Неформалната анкета спроведена од Националната асоцијација на кошаркари (НБПА) покажа огромна поддршка на каков било план сезонава да продолжи на безбеден начин среде пандемијата на коронавирус, објави „Асошиејтед прес“ (АП), пренесе ЕСПН. Регионалните претставници на НБПА, вклучувајќи ги Тим Мекормик и Френк Бриковски меѓу официјалните претставници на синдикатот, ги анкетираа играчите со „да или не“ по прашањето за нивната желба да се вратат и да ја доиграат сезонава, за време на пандемијата, тврдат изворите на американскиот ЕСПН.
Анонимната анкета дала јасна назнака дека играчите би сакале не само да дојдат до плејофот туку и да продолжат барем дел од регуларната сезона, изјави за АП лице запознаено со резултатите од анкетата, пренесе ЕСПН. Извршниот директор на НБПА, Мишел Робертс, членови на Извршниот комитет, заедно со претседателот Крис Пол, како и играчи, неодамна одржаа конференциски аудиосостанок, во кој беше вклучен и комесарот Адам Силвер, притоа одговарајќи на прашања од повеќе теми поврзани со продолжување на натпреварите сезонава, вклучувајќи и прашања од областа на здравството, финансиите и натпреварувачката структура, наведуваат изворите.
Силвер, пак, им рече на кошаркарите дека не треба да се донесе никаква одлука во мај и дека сместувањето на тимовите на едно или на две места (можеби Орландо или Лас Вегас), каде што би ја доиграле сезоната, е меѓу најверојатните сценарија, пишува ЕСПН.
Синдикатот и НБА-лигата се согласија за договор, кој ќе почне утре, со двомесечни плати, од кои ќе се одземат 25 отсто во случај првенството формално да се откаже врз база на лигашката одредба на виша сила во колективниот договор, објави ЕСПН. НБА-лигата беше прекината на 11 март.