Хувентуд на Димитријевиќ во јуни треба да игра во доигрувањето за титулата
Тимот на македонскиот репрезентативец Димитријевиќ треба да настапи во групата А во шпанската лига, со Барселона, Тенери\фе, Билбао, Басконија и со Уникаха, во трката за пласман во полуфиналето, а сезоната заврши за Витингтон и неговиот Реал Бетис. Турнирот во јуни ќе се реализира ако биде нормализирана ситуацијата со коронавирусот
КОШАРКА – ШПАНИЈА
По седницата на Собранието на шпанската АЦБ-лига, одржана преку интернет-врска, усвоен е предлог според кој 12 екипи ќе се најдат на едно место, а новиот кошаркарски првак во Шпанија ќе биде одреден по турнир во две групи (еднокружно), кој би почнал на 15 јуни, од каде што потоа по две најдобри екипи од двете групи ќе играат плејоф.
На тој турнир, на кој барање за домаќинство засега поднеле Гран Канарија и Андора, ќе се најдат 12 тима, и тоа Хувентуд на македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, потоа Барселона, Тенерифе, Билбао, Басконија и Уникаха во групата А и Реал Мадрид, Сарагоса, Андора, Валенсија, Сан Пабло Буртгос и Гран Канарија во групата Б.
Со оваа одлука е означен крај на сезоната за македонскиот репрезентативец Шејн Витингтон и неговиот клуб Реал Бетис. Сезонава нема да има испаѓање од лигата, што значи дека Фуенлабрада и Естудијантес како два најслаби тима сезонава ќе го задржат сегашниот статус.
Засега не е одлучено дали ќе има промоција на екипи од Втората лига. Ако има, тогаш во следната сезона АЦБ-лигата ќе има 20 екипи.
Но сето ова ќе се реализира доколку ситуацијата со коронавирусот биде нормализирана (31 мај е зададениот рок), по што клубовите ќе имаат тринеделни подготовки пред завршниот турнир, на кој би се одиграле вкупно 33 натпревари. Првенството беше прекинато на 14 март, а по 23 кола водеше Барселона со 38 бода, два повеќе од Реал Мадрид, Хувентуд е 12-ти со 18 бода, а Реал Бетис е 15-ти со 16 бода.