Александар Тодоров

Со здрави играчи и ако немаме позитивни на ковид-19, јас сум оптимист дека може да им возвратиме на Естонците за неочекуваниот пораз што го доживеавме во Скопје, вели селекторот Тодоров, кој најави дека списокот на репрезентативци за дуелите со Италија и со Естонија ќе го објави на последниот ден од рокот за пријавување, 15 ноември

КОШАРКА – ВО ПРЕСРЕТ НА НОВИТЕ МЕЧЕВИ ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2022

Репрезентативниот список за дуелите од вториот прозорец квалификации во Талин, Естонија, дефинитивно ќе го соопштам на последниот ден од рокот за пријавување, а тоа е 15 ноември. Тоа го правам од едноставна причина, што дотогаш ќе знаеме каква ќе биде состојбата со нашите кошаркари со ковид-19. Така што навистина ме чуди и не разбирам зошто Италија и Естонија го пријавија уште сега поширокиот список, кој потоа веќе не ќе можат да го менуваат, вели селекторот на македонската репрезентација, Александар Тодоров, пред дуелите од вториот циклус квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година.
Вториот квалификациски прозорец е закажан за од 28 до 30 ноември во Талин (Естонија). На 28 ноември Македонија треба да игра со Италија, а Естонија со Русија. Три дена подоцна е дуелот на Македонија со Естонија, како и средбата Русија – Италија.

– Не сум го видел ниту ме интересира во моментов списокот на играчи и на двете селекции, оти тој е, сепак, поширок список, со 24-25 играчи. Тие што ќе бидат во Талин ќе бидат меродавни и ќе бидат предмет на наша играчка анализа. Со здрави играчи и ако немаме позитивни на ковид-19, јас сум оптимист дека на нивен терен може да им возвратиме на Естонците за неочекуваниот пораз што го доживеавме во Скопје – вели Тодоров.
Од групата Б на континенталното првенство во 2022 година ќе играат првопласираните две репрезентации, плус Италија, која е автоматски пласирана на ЕП, како еден од четирите домаќини, заедно со Чешка, Грузија и со Германија. По две кола во групата Б води Италија со четири бода, Естонија и Русија имаат по три, а Македонија два бода.


Италија без најголемите ѕвезди, Естонија со мали измени во составот

За двата натпревари во ноември за турнирот на домашен терен од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година, естонскиот селектор Јука Тоијала повика 25 кошаркари, во најголем дел добро познати имиња, додека нови играчи на поширокиот список се Хендрик Елмае и Роберт Киви од универзитетот „Тарту“.
Селекторот на Италија Ромео Сакети, пак, не менува многу. Тој им даде одмор на НБА-ѕвездите што доаѓаат од Апенините, Данило Галинари, Марко Белинели, Николо Мели, но и оние од домашниот шампионат, како на пример, на Луиџи Датоме. Г.И.

[email protected]