Чувствата се измешани, не успеавме да се пласираме на ЕП, но има и причина за задоволство. Оптимист сум, затоа што во иднина сите кошаркари што сега имаат 17-18 години ќе бидат поискусни и верувам дека со помошта на поискусните кошаркари Македонија нема да има проблем да се пласира на следното ЕП, изјави селекторот Тодоров

КОШАРКА

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија не ги помина квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, во групата Б беше четврта, со две победи и четири порази, колку што имаше и Естонија, но решавачка беше послабата кош-разлика. Од таа група на ЕП се пласираа Естонија и Русија, како и Италија, која како една од четирите земји-домаќини на ЕП имаше директен пласман.
– Чувствата се измешани, не успеавме да се пласираме на ЕП, но има и причина за задоволство. Особено од аспект на доведување нови лица во репрезентацијата, како и начинот на кој игравме на двата дуела против Италија и оној со Естонија. Продолжуваме понатаму, јас сум оптимист затоа што во иднина сите кошаркари што сега имаат 17-18 години ќе бидат поискусни и верувам дека со помошта на поискусните кошаркари Македонија нема да има проблем да се пласира на следното ЕП. Репрезентацијата горе-долу е таа – изјави преку интернет-видеоврска селекторот Александар Тодоров, на вчерашната прес-конференција на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Што се однесува до тоа дали КФМ ќе го продолжи договорот со Тодоров, одговор даде спортскиот директор Тодор Гечевски.

– Договорот на Тодоров со репрезентацијата, уште кога го претставувавме, истакнавме дека е поврзан со пласман на ЕП. Сепак, го чекаме извештајот од селекторот, кој треба да стигне наскоро. Потоа ќе има состанок на раководството на КФМ и заедно ќе одлучиме дали договорот ќе биде продолжен. И кај нас се поделени чувствата во врска со овие квалификации. Момците покажаа карактер и тимска игра. Бевме блиску и до победа против Русија, но најверојатно неискуството и неуиграноста пресудија. Останува да продолжиме да работиме со младите, да организираме семинари и за нашите тренери, па на претквалификациите за Светското првенство во август да се покажеме во подобро светло – рече Гечевски.
Претседателот на КФМ, Перо Антиќ, рече дека Федерацијата ѝ ги овозможи сите услови на репрезентацијата.

– Уште откога дојдовме на чело на Федерацијата имаме притисок. Нека се удира по нас, оставете ги кошаркарите да играат на теренот. Сме биле играчи, знаеме колку е важна поддршката од сите страни. Резултатите на крајот остануваат на нив, на играчите и на селекторот, не можеме ние да влеземе на терен и да играме наместо нив. Kако Федерација 7 ги овозможивме сите услови на репрезентацијата, направивме сѐ што е во рамките на нашите можности. Не размислувам за оставка – рече Антиќ на вчерашната прес-конференција.