Македонија од 18 до 22 февруари во Перм треба да игра со Италија (двапати), Русија и со Естонија

КОШАРКА

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, го одреди поширокиот список на играчи за третиот квалификациски турнир, од 18 до 22 февруари, во рускиот град Перм, во квалификациите за Европското првенство в година, во Италија, Грузија, Германија и во Чешка.
По задолжителното тестирање на ковид-19, идната недела Тодоров ќе ги објави имињата на кандидатите за настап во последниот дел од квалификациите. Во составот, кој се состои од 16 кошаркари што играат во домашното првенство и осум што се интернационалци, се и Американците Шејн Витингтон и Џејкоб Вајли. Поради ковид-19, во ноември беа одложени средбите Италија – Македонија и Естонија – Македонија. Македонија за тие пет дена во Перм двапати ќе игра со Италија, која веќе обезбеди пласман на ЕП, како една од државите-домаќини, а првиот дуел е на 18 февруари. Еден ден потоа следува средбата со Русија, а по слободниот ден, повторно со Италија. На 22 февруари е мечот со Естонија. На табелата во групата Б води Италија, со шест бода (од три меча), а потоа следуваат Русија со шест (четири средби), Естонија со четири (три) и Македонија со два (два меча) бода. Освен Италија, од оваа група на ЕП ќе се пласираат уште две репрезентации.

Поширок список на репрезентативци: Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски, Филип Бакоч (МЗТ Скопје Аеродром), Леонид Тодоровски, Лука Савичевиќ (МЗТ Скопје Уни Банка), Виктор Ефремовски, Марјан Младеновиќ, Љубомир Младеновски (Работнички), Дамјан Робев, Горјан Марковски (Куманово), Андреј Митревски (ТФТ), Бојан Трајковски, Бобан Стајиќ (Пелистер), Марко Симоновски (Кожув), Војдан Стојановски (Гравелин, Франција), Шејн Витингтон (Си Хорсес, Јапонија), Андреј Јакимовски (Вашингтон Стејт, САД), Марко Миловановиќ (Јуви Кремона, Италија), Теодор Симиќ (Барселона, Шпанија), Џејкоб Вајли (Гран Канарија, Шпанија), Стојан Ѓуроски (Аликанте , Шпанија), Ненад Димитријевиќ (Хувентуд, Шпанија).