Српскиот кошаркар Никола Јокиќ (23) останува тивок, скромен и резервиран, и по потпишувањето на петгодишниот договор вреден 146 милиони долари со НБА-клубот Денвер нагетс, слично како што се однесува и на паркетот откако ќе направи атрактивно додавање, пренесува весникот „Денвер пост“.
Талентираниот центар стана најплатениот српски, а веројатно и балкански спортист, откако доби значително зголемување на платата во однос на дебитанскиот договор, според кој заработи 1,5 милиони долари минатата сезона (беше најслабо платен кошаркар во Денвер). Јокиќ оствари просек од 18,5 поени, 10,7 скокови и 6,1 асистенција на 75 настапи во претходното издание на НБА-лигата.
– Никогаш не сум видел некој да пристапи со толку малку ентузијазам во врска со таков голем договор, а тоа го мислам во позитивен смисол. За него, се е во втор план, по кошарката и семејството. Настрана од тоа, не му е гајле. Не сака да биде во центарот на вниманието. Тој само сака да ни помогне да победуваме и да поминува време со неговата девојка и со семејството – посочи Тим Конели, претседателот на кошаркарските операции на Денвер нагетс.
Тој ужива во планините и во Денвер, поминувајќи го времето со неговите браќа Страхиња, Немања и со долгогодишната девојка Наталија. Тој носи „плејстејшн“ на гостувањата. Јокиќ не ужива во ноќниот живот како други НБА-кошаркари, а прославата на Нова година претставувала единствен исклучок минатата сезона.
– Сите што ме познаваат знаат дека не се расфрлам. Нема да излезам да се забавувам. Живеам едноставно и уживам во животот. Таков сум – кажа Јокиќ.
Ѕвездата на нагетс ја помина летната пауза во Србија, каде што се грижеше за неговите тркачки коњи, по четиричасовните утрински тренинзи.
Американските медиуми сугерираат оти однесувањето на Јокиќ, односно неговата скромност и смиреност, претставуваат значајни причини за добивањето на богатиот договор.