Во 1-то коло македонските кошаркарки (до 18 год.) загубија од Романија, со 44-59, а во 2-то коло од Ирска, со 39-60
Македонската женска кошаркарска репрезентација (до 18 год.) почна со два пораза на Европското првенство (ЕП) дивизија Б, кое до 14-ти месецов се одржува во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а влезот за сите дуели (Македонија ги игра со почеток во 18.45 ч.) е слободен. Во 1-то коло избраничките на селекторката Жаклина Стојановска, загубија од Романија со 44-59 (12-17, 15-16, 8-14, 9-12), а во 2-то коло од Ирска со 39-60 (18-12, 9-11, 10-23, 2-14). На мечот со Романија, кај Македонките најефикасна беше Илина Селкова со 14, а кај противникот Лаура Ваида со 16 поени, додека против Ирска, кај домашните најпрецизна беше Теона Поп Стојанова со 10, а кај ривалот Кети Велш со 14 коша.
Вчера, во рамките на 3-то коло од групата Ц, црвено-жолтите играа против селекцијата на Грција, која во првите две кола славеше против Словачка (73-38) и Романија (63-51). Две победи засега има уште Ирска, а по една впишаа Романија и Словачка, додека Австрија и Македонија засега се без бодови. На ЕП има четири групи со вкупно 23 репрезентации, а првопласираните три селекции ќе обезбедат настап на ЕП во дивизија А.
За сите што нема да бидат присутни во салата, меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) обезбеди пренос во живо. Тој ќе биде достапен на фејсбук-страницата на КФСМ, како и на официјалната веб-страница на првенството.
Резултати 2. коло
Ирска – Македонија 60-39
Словачка – Австрија 57-50
Романија – Грција 51-63
ТАБЕЛА
Грција 4
Ирска 4
Романија 3
Словачка 3
Австрија 2
Македонија 2