Македонскиот капитен и селектор Кирил Лазаров постави нов рекорд во својата богата играчка кариера. Дуелот против Веспрем за него беше вкупно 17-то четврт-финале во ЛШ, со што влезе во аналите на ова натпреварување

РАКОМЕТ – ЧЕТВРТФИНАЛНА ФАЗА ВО ЛШ

Ракометрите на Кил и на Барселона со победа ја отворија четвртфиналната елиминациска фаза во Лигата на шампионите (ЛШ), победувајќи ги ПСЖ (31-29), односно Мешков (33-29) во првиот дуел. Во отсуство на повредениот Сандер Сагосен, „прва виолина“ во Кил беше десниот бек Харалд Раинкинд, кој постигна 10 гола, а кај ПСЖ Дилан Нахи реализира осум.
Солиден отпор даде и белорускиот првак Мешков, кој благодарение на одличната игра на Сташ Скубе и Микита Валупов, како и одбраните на Иван Пешиќ, на полувремето имаше предност од еден гол (17-16) против шпанскиот шампион Барселона. Сепак, Белорусите не најдоа решение за расположениот Дика Мем, кој со 10 гола беше неприкосновен на натпреварот.
Првото четвртфинално коло синоќа се комплетира со средбите Алборг – Флензбург и Нант – Веспрем. Македонскиот капитен и селектор Кирил Лазаров, пак, постави нов рекорд во својата богата играчка кариера. Мечот против Веспрем за него беше вкупно 17-то четврт-финале во ЛШ, трето во дресот на француски Нант, додека, пак, најмногу има со Веспрем, вкупно пет, со што влезе во аналите на ова најквалитетно клупско натпреварување.
Четвртфиналните реванш-дуели се закажани за 19 и 20 мај. Вкупните победници ќе обезбедат место на 12-та фајналфор-завршница во Келн (12-13 јуни).