Италија и Естонија со подмладени состави ќе ги одиграат првите две средби од претстојните квалификации за пласман на ЕП 2021. Македонија идната недела се среќава со Естонија, дома, во 1-то коло
Селекторите на Италија и на Естонија, Ромео Сакети односно Јука Тоијала, со подмладени состави со по 16 кошаркари ќе ги одиграат првите две средби од претстојните квалификации (група Б), за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, кое ќе се одржи во Чешка, Грузија, Германија и во Италија.
Фактот што Италија е еден од коорганизаторите на ова ЕП, Саки го искористи за во репрезентацијата да повика повеќе млади кошаркари. За дуелите против Русија (дома) и против Естонија (гости), во составот го нема моментно најталентираниот кошаркар Матео Спањоло (16), кој настапува за Реал Мадрид. Првпат е повикан и Џордано Бортолани, како и Франческо Кандуси, кој досега нема настап во Серија А. Амедео Теситори е eдинствениот што играше за Италија на СП 2019. Просечната возраст на репрезентацијата е 24 години.
– Вклучивме неколку млади играчи, но и неколку од лигата што ги следиме со месеци, а кои имаат константни перформанси. Идејата е да ја зголемиме бројката на кошаркари што можеме да ги користиме за следните големи натпреварувања, како на пример претквалификацискиот турнир за ЛОИ во Токио, летово – вели Сакети.
Во италијанскиот тренинг-камп во Неапол на 17 февруари ќе се подготвуваат Никола Акеле, Филипо Балди Роси, Џордано Бартолани, Франческо Кандуси, Андреа де Николао, Симоне Фонтекио, Андреа Мезаноте, Андреа Пекиа, Џампаоло Ричи, Микеле Рузиер, Матео Спањоло, Амедео Теситори, Марко Спису, Стефано Тонут, Леонардо Тоте и Микеле Витали.
Слична одлука донесе и селекторот на Естонија, Тоијала. Од првичните 24 кандидати, Финецот се одлучи да ја намали бројката на 16 за дуелите во Скопје против Македонија и против Италија (дома). На списокот фигурираат Кристијан Куламае, Кер Криса, Раит-Риво Лане, Раин Вајдеман, Хенри Дрел, Мартин Дорбек, Мартин Пасоја, Сандер Раиесте, Јанари Јесар, Танел Курбас, Сајмон Сут, Сим-Сандер Вене, Крегор Хермет, Каспар Треиер, Кристијан Китсинг и Рауно Нургер.
Базаревич, селекторот на Русија, од поодамна го објави поширокиот список од 24 играчи, а на него најмногубројни се од ЦСКА, Химки и од Зенит, предводени од првото име на руската кошарка, Алексеј Швед, а тука се и Воронцевич, Фридзон, браќата Кулагин… Првиот меч го играат во Италија, а вториот (23 февруари) е во Перм, каде што ја пречекуваат Македонија. Сепак, многу работи ќе бидат појасни откако ќе биде познато дали ќе им биде дозволено на кошаркарите што играат во ЦСКА, Зенит и во Химки, да отсуствуваат од клупските настапи во европските купови. Ако нема да може да настапат, тогаш Базаревич нема да може да смета на дури 10 играчи од поширокиот список: Михаил Кулагин, Семен Антонов, Андреј Воронцевич, Џоел Боломбој (ЦСКА), Швед, Сергеј Карашев, Дмитриј Кхвостов, Вјацеслав Зајцев (Химки), Андреј Зубков и Владислав Трушкин (Зенит).
Со Естонците досега најмногу квалификациски дуели
Македонија досега настапила на пет европски првенства (ЕП) во кошарка, а најдобриот пласман го оствари во 2011 година, кога во Литванија го освои 4. место. Најмногу настапи од групата Б има Италија (38), а двапати (1983 и 1994) беше европски првак. Русија настапила на 13 ЕП, а во 2011 беше шампион. Естонија има пет учества, а најдобриот настап го оствари во 1983 година, кога заврши на 6-то место. На ЕП Македонија најмногу пати (пет) има играно со Русија и сите ги загуби. Со Италија одигра два меча и двата ги загуби, против Естонија нема досега одиграно ниту еден натпревар на ЕП. Но затоа, пак, Македонија има најмногу квалификациски дуели токму со Естонија, забележувајќи три победи и четири порази. Така во квалификациите за ЕП 1993 загуби од Естонија со 60-74. Во квалификациите за ЕП (дивизија А) во 2007 Македонија на гости загуби со 66-72, а во Скопје беше убедлива со 95-50. Во 2008 година во квалификациите за ЕП (дивизија А) во Талин, Македонија славеше со 90-78, а истото тоа го стори и во Скопје со 87-75. Во 2017 година, во квалификациите за СП 2019, пак, Македонија двапати загуби, дома 76-80, а на гости 65-74.
СИТЕ МЕЧЕВИ СО ЕСТОНИЈА
ГОД. ДУЕЛ РЕЗ.
1993 Македонија – Естонија 60-74
2007 Естонија – Македонија 72-66
2007 Македонија – Естонија 95-50
2008 Естонија – Македонија 78-90
2008 Македонија – Естонија 87-75
2017 Македонија – Естонија 76-80
2017 Естонија – Македонија 74-65
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021
1. коло
Македонија – Естонија 20 февруари
Италија – Русија 20 февруари
2. коло
Русија – Македонија 23 февруари
Естонија – Италија 23 февруари