Словенецот постави нов личен рекорд во својата кариера и со тоа стана втор човек кому му успеало да оствари трипл-дабл со 40 коша пред да наполни 21 година (20 години 263 дена)

Словенечкиот кошаркар и член на Далас маверикс Лука Дончиќ продолжува да ги поместува сопствените играчки граници во НБА-лигата. Тој повторно постави нов личен рекорд во својата кариера и со тоа стана втор човек кому му успеало да оствари трипл-дабл со 40 коша пред да наполни 21 година (20 години 263 дена). Помлад од него е само славниот Леброн Џејмс (40 коша, 12 скока и 10 асистенции), кој го сторил тоа на 20 години и 100 дена. Во победата над Сан Антонио (117-110), Словенецот впиша 42 коша, 12 асистенции и 11 скокови, а патем ја погоди и решавачката тројка на 26,5 секунди пред крајот на средбата.

Досегашниот рекорд на Дончиќ беше 38 коша, а го постави пред 11 дена во поразот од Њујорк Никс. Тој во првите 13 натпревари забележа дури шест пати трипл-дабл и со тоа е водечки играч во лигата. Во просек постигнува по 29,5 коша, 10,7 скока и 9,3 асистенции и е единствениот играч во НБА-лигата, кој во сите три категории е меѓу 10-те најдобри.

– Како секој ден да откривам статистики за кои не ни знаев, но чувството е прекрасно кога тие ќе се дофатат. Кога спиев попладнето пред натпреварот со Сан Антонио, сонував дека ќе постигнам 16 коша во првата четвртина. Кога дадов 17, пак, си помислив, соништата сепак не се остваруваат! Но ова беше наша блескава победа – на шега изјави Дончиќ.

И неговиот тренер Рик Карлис има пофални зборови за Словенецот.
– Дончиќ може да стори сѐ што сака на кошаркарскиот терен. Вистинско уживање е да се гледа неговата игра и да се биде дел од таа игра – дециден е Карлис. 


Кошаркари – рекордери

Најмлад кошаркар (19 години и 317 дена), кој воопшто успеал да постигне трипл-дабл (11 април 2018), е Маркел Фулц (Филаделфија), против Милвоки бакс (13 поени, 10 скока и 10 асистенции). Најстар играч, пак, е Карл Мелоун (Лос Анџелес лејкерс), со 40 години и 127 дена (28 ноември 2003 година), против Сан Антонио Спарс (10 коша, 11 скока и 10 асистенции). Прв трипл-дабл во историјата на лигата постигнал играчот на Филаделфија, Енди Филип (14 декември 1950) кога впишал 17 поени, 10 скока и 10 асистенции. Најмногу трипл-дабл ефект, пак, во една сезона (2016-2017), остварил Расел Вестбрук (Оклахома Сити), вкупно 42 тројки. Најмногу, пак, во плејофот во НБА-лигата, во текот на својата кариера има Меџик Џонсон (30), додека втор е Леброн Џејмс (22).