Најдобриот кошаркар на денешницата, Леброн Џејмс (33), одлучи да ја продолжи кариерата во Лос Анџелес лејкерс, со што и онака силната Западна конференција во НБА-лигата, ќе стане уште посилна следната сезона. Популарниот Крал Џејмс се согласи да потпише четиригодишен договор со „езерџиите“ вреден 154 милиони долари, со што заминува од Кливленд со кој играше во НБА-финалето во последните четири сезони и освои еден шампионски прстен. Тој претходно беше првак со Мајами двапати.
За Џејмс беа заинтересирани и Филаделфија, Хјустон, како и Кливленд кој сакаше да го задржи, но искусниот крилен кошаркар тргна по стапките на НБА-легендите кои исто така го носеа златниот дрес на Лејкерс, меѓу кои се Вилт Чемберлен (стигна од Филаделфија во 1968 година), Карим Абдул-Џабар (дојде од Милвоки во 1975 година) и Шекил О’Нил (се приклучи од Орландо во 1996 година).
Познавачите на кошарката во САД истакнуваат дека Џејмс презема голем ризик со доаѓањето во Лос Анџелес, бидејќи тој е ветеран од кого се очекува безмалку „преку ноќ“ да ги направи „езерџиите“ кандидати за шампионскиот трофеј, со што евентуален неуспех би се одразил негативно на неговата репутација.
Џејмс би можел наскоро да добие уште една ѕвезда за соиграч во Лос Анџелес, оти се очекува Лејкерс да се обидат да го ангажираат и олстар-кошаркарот на Сан Антонио Каваи Ленард, кој изразил желба да игра за „езерџиите“.
Претходно, врвните кошаркари како што се Кевин Дурент (Голден стејт), Крис Пол (Хјустон) и Пол Џорџ (Оклахома) и Никола Јокиќ (Денвер) ја продолжија верноста кон нивните клубови, останувајќи на „Дивиот Запад“ во НБА-лигата, каде што се очекува голема борба во претстојната сезона.