Македонскиот репрезентативец, по некомплетното четврто коло во топ 16-фазата, според вкупниот број на ин­декс­-поени со 83 беше на делба на првото место со Хантер од Болоња, четврти според асистенциите, седми стрелец…

КОШАРКА – ЕВРОКУП

Македонскиот кошаркарски репрезентативец и член на шпанскиот клуб Хувентуд, Ненад Димитријевиќ (22), во 4-то коло во Еврокупот беше прв стрелец во својот тим, со 15 поени (6/7 за еден поен, 3/7 за два и 1/1 за три), дополнети со по четири скока и асистенции за 26,34 минути игра. Хувентуд го забележа првиот пораз во топ 16-фазата во Еврокупот, од францускиот клуб Монако, со 82-97 на гости, кој му возврати на Хувентуд за минатонеделниот пораз во Бадалона, во 3-то коло.
Ова е прв пораз на Хувентуд во оваа фаза, по трите претходни победи во групата Е. Во четврт-финалето на Еврокупот ќе играат по две најдобри екипи од секоја од четирите групи, а засега во групата Е, Хувентуд и Монако имаат по три победи и еден пораз.
Димитријевиќ моментно е седми стрелец во топ 16-фазата, со 62 поена (15,5 во просек по меч) за 23,5 минути минати во просек во игра, а води Роб Греј од Монако, со 80 поена од четири средби. Според бројот на асистенции остана на четвртото место, сега со 21 (7,67 по меч), а во таа категорија води Милош Теодосиќ, со 24 (осум во просек) од три дуели. Над Димитриевиќ се направени 19 прекршоци (4,75 по средба) и е на третото место, а прв е Данило Анѓушиќ со 24 по три меча. Според вкупниот број на индекс-поени, Димитријевиќ со 83 е на делба на првото место со Винс Хантер од Виртус Болоња, пред синоќешните мечеви од 4-то коло. Димитриевиќ во четирите кола од втората фаза одигра 105,32 минути, постигна 62 поена (15,5 по меч), од тоа 13/23 за два (56,5 отсто), 6/8 за три поени (75), 18/21 за еден поен (85,7), и 21 асистенција (5,3 во просек). Во 5-то коло, на 2 март, Хувентуд игра дома со шпанска Уникаха, која има три порази и е последна, а Монако игра со Нантер, кој има една победа и два пораза во групата Е.