Точно е дека имаме предност од 14 поени, но мечот со Романија ќе го почнеме од нула и ќе одиме на победа и на гости. Во спротивно, ако калкулираме, таа предност може да се покаже и како мала, вели селекторот Давитков еден месец пред клучниот меч за влез во квалификациите за ЕП 2021
Еден месец останува до последниот и најзначаен натпревар на македонската сениорска кошаркарска репрезентација во овој дел од претквалификациите за пласман во квалификациите за Европското првенство во 2021 година, на гости против Романија (21 февруари). Црвено-жолтите се на првата позиција со шест бода (три меча, три победи), а Романија е втора со три бода од два меча. Средбата се игра во романскиот град Плоешти, а на македонските кошаркари дури им одговара и пораз од 13 поени за да го зачуваат првото место во групата Б. Но, селекторот Јорданчо Давитков не ни помислува да ја брани убедливата победа од дуелот во Скопје (90-76).
– Покажавме дека имаме квалитет за враќање во елитното кошаркарско друштво со покажаното во изминатите два претквалификациски циклуса, па ќе настојуваме така и да продолжиме. Точно е дека имаме предност од 14 поени, но ние ќе го почнеме натпреварот од нула и ќе одиме да забележиме победа и на гостински терен. Во спротивно, ако калкулираме, таа предност може да се покаже и како мала – категоричен е Давитков.
Селекторот моментно го води кувајтскиот клуб Ал кадсиа, но будно ги следи настапите на македонските и на романските репрезентативци.
– Ја следам играта на македонските кошаркари-репрезентативци, кои настапуваат во домашното првенство и во Јадранската лига и во глобала сум задоволен од прикажаното, иако е уште рано да се дадат некои конкретни заклучоци. Сепак, очекувам за триесетина дена нивната форма да биде на повисоко ниво. Имам можност да ги следам и романските репрезентативци и директно и одложено, а од она што го видов досега за пофалба е играта на центарот на шпанскиот клуб Мурсија, Емануел Кате (26), кој неодамна беше прогласен за играч на колото од странските кошаркари што настапуваат во шпанското првенство, а тоа доволно зборува – коментира Давитков.
Според македонскиот селектор, составот на Македонија би требало да биде стандардниот.
– Реално гледано, некои големи промени или засилувања тешко е да има, а и да се најдат. Најважно за мене е сите репрезентативци што ќе бидат повикани за дуелот со Романија да не се жалат на повреди. Што се однесува до нашите американски центри, Ричард Хендрикс и Шејн Виткинстон, сега е рано да одлучам кој ќе биде во селекцијата за овој меч. Од најавуваното засилување на романската селекција, пак, поточно со одличниот американски центар на ЦСКА од Москва, Вил Клејбурн, како што стојат работите, нема ништо – вели македонскиот селектор.
Мечот со Романија ќе се игра во спортската сала „Плоешти“ во истоимениот град, кој се наоѓа 56 км северно од Букурешт.
– Не сум настапувал ниту, пак, сум водел некоја екипа во таа сала, но како што сум информиран станува збор за постара сала, подоцна е преуредена и е со капацитет за 3.000 гледачи – вели Давитков.
Тој со својот кувајтски клуб влезе меѓу првите шест екипи во тамошното првенство, а по одржувањето на вториот дел од Купот, ќе продолжи првенството со шест тима, по двокружен систем. Давитков е оптимист и верува дека ќе се пласира во финалињата на Купот и во првенството на Кувајт.