КОШАРКА – НБА

Тој е единствениот кошаркар што 22 години настапувал во НБА, од 1998 до 2020 година
Винс Картер (43), досегашниот кошаркар на НБА-клубот Атланта, објави дека заминува во пензија. Картер претходно објави дека едногодишниот договор што тој го потпиша со Атланта за сезонава ќе биде последен. НБА-лигата ги објави плановите за продолжување на сезоната во јули во Орландо, со 22 екипи, меѓу кои не е Атланта.
Картер, осумкратен учесник на олстар-мечевите, својата кариера ја почна во 1998 година во Торонто, а покрај за Атланта играше и за Њу Џерси, Орландо, Феникс, Далас, Мемфис и за Сакраменто.

Во својата прва сезона беше избран за дебитант на годината. Тој беше познат по своите акробатски забивања, победи на натпреварот за забивање на олстар-викендот во 2000 година… Картер со репрезентацијата на САД освои златен медал на Летните олимписки игри во 2000 година во Сиднеј.
Тој е единствениот кошаркар што играл 22 години во НБА и во четири различни децении. Картер го погоди својот последен шут, за тројка на мечот со Њујорк, на 11 март, пред сезоната да биде прекината од пандемијата на коронавирусот.