Од утре до 19 октомври во Ријад ќе се одржи егзибициски тениски турнир со учество на шестмината најдобри тенисери на денешницата – Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Холгер Руне, Даниел Медведев, Јаник Синер и Карлос Алкараз. Според планот на организаторите Надал во полуфиналето го чека победникот од мечот меѓу Руне и Алкараз, додека Ѓоковиќ оди на подобриот од мечот меѓу Медведев и Синер.
Тенискиот свет со нетрпение очекува кој ќе излезе како победник на турнирот што е надвор од сите АТП рамки и токму затоа на многумина им беше „тупаница во очи“. И на крајот се најде датум кој им одговара на сите повикани играчи, а шестмината ќе бидат богато наградени.
Самата најава за турнирот во Ријад и филмскиот трејлер е нешто што не се доживува често во светот на тенисот, тој најавен филм кој чинеше како холивудска најава за блокбастер, при што пари не се штедеа, само за да ја постигне целта. Многумина за трејлерот коментираа дека за него е потрошено приближно онолку колку што за една година од наградата заработува играч околу седумдесеттото место на АТП листата.
Djokovic @DjokerNole, Nadal @RafaelNadal, Alcaraz @Carlosalcaraz, Sinner @janniksin, Medvedev @daniilMedwed, and Rune @holgerrune2003
6 Kings 👑 One Throne 🎾 Who will emerge victorious in the ultimate battle at this Riyadh Season? 🔥🇸🇦
The Venue 📍
October 16 – 17 – 19 🗓️… pic.twitter.com/qumLRFPpQS— TURKI ALALSHIKH (@Turki_alalshikh) September 28, 2024
Секако дека не им се допадна на сите, многумина сметаат дека ова е непотребно трошење пари за еден егзибициски турнир. Но, кога знаете дека секој учесник ќе добие по 1,5 милиони долари само за доаѓање, тогаш тоа ви кажува многу.
Посебно е интересно дека овој турнир на крајот беше „напикан“ меѓу Мастерсот во Шангај и Мастерсот во Париз, а притоа ќе ја ослаби конкуренцијата на турнирите во Стокхолм и Антверпен. Најдобрите двајца светски играчи Синер и Алкараз се повлекоа од турнирите во Базел и Виена за да пристигнат во Ријад.
И тоа е надвор од сите правила бидејќи не може да има егзибициски натпревари подолги од два дена кога се играат АТП турнирите. Но, во секој закон има „дупка“, па арапските шеици направиле „финта“ дека егзибицијата всушност се игра само два дена, но со пауза од еден ден помеѓу, па затоа не се смета за еден турнир.
Ова е всушност уште еден голем напад врз АТП организацијата и показател како може да се направат преседани со вреќа долари во наградниот фонд, што може да стане голем проблем во иднина, бидејќи ќе биде многу тешко да се запрат амбициозните организатори на вакви спектакли и во иднина.