Победата на Македонија над Летонија од 3-0 на гости уште еднаш ја израдува фудбалската јавност кај нас. Овој позитивен резултат ја зацврсти Македонија на чело на табелата во својата група во Лигата на нациите и тоа повторно ги зголеми апетитите на фудбалската јавност. Во таква ситуација, од исклучителна важност е прашањето каде е тука македонскиот фудбал. Каква е актуелната слика, кои се перспективите, кога повторно ќе се појавиме на големата сцена, се само дел од прашањата на кои бараме одговор од Игор Кралевски, долгогодишен фудбалер со успешна домашна и меѓународна кариера, а потоа извесен период и тренер на младите категории фудбалери.
Неговите први фудбалски чекори ги направи во младинската школа на ФК Вардар, а како професионален играч кариерата ја започна во Цементарница 55, а потоа преку Македонија ЃП и Работнички, прави трансфер во сплитски Хајдук, за подоцна да замине во рускиот клуб Луч Енергија. По враќањето во земјата, повторно игра за Македонија ЃП, а потоа во Металург а кариерата ја завршува во Тетекс. За македонската репрезентација има три настапи.
– Кога зборуваме за домашниот фудбал природно е да правиме паралела со другите држави. Побогатите држави и оние со поголемо фудбалско искуство имаат големи можности за развој и успех, а ние би требало да ги користиме нивните искуства и да ги прилагодиме на нашите состојби за да фатиме чекор со нив. За жал, и покрај повремени блесоци на кои многу се радуваме, далеку сме од големата европска па и светска сцена, но тоа не значи дека треба да се предаваме. Со добра стратегија на искусни фудбалери и стручњаци треба да ги надминеме домашните слабости и да постигнуваме успеси кои ќе бидат континуирани, победа за победа, континуиран квалитет. Секоја наредна фудбалска генерација да биде подобра од претходната, но да го има темелот и подршката од претходната што е предуслов за самоуверена и цврста репрезентација.
Постои ли магично стапче за надминување на таквата состојба?
– Магично стапче не постои, но процесот може да се забрза со создавање на силна младинска школа во репрезентацијата, во сите селекции. Главниот фактор на успех е да се постават критериуми за правилна селекција на играчи. Тоа е клучот. Тренерот да биде стручен, искусен, одговорен и совесен при селектирањето на играчи. За секој неуспех да сноси одговорност, да направи анализа и без его и суета да ги корегира грешките, и своите и на фудбалерите. Не може да биде пракса после изгубен натпревар нон стоп да слушаме ,,Не е крив тренерот, нема играчи”, а селекцијата на играчи ја прави тренерот. Тврдам дека потенцијал има, талентирани играчи има, но нема кој да им се посвети на тие што се прав квалитет. Се додека тренерите прават селекција според други критериуми, а не според квалитет, нема да имаме напредок. Ни едно магично стапче нема да помогне ако не се селектираат квалитетните играчи. Мора да се вложува и во едукација на тренерите, а покрај стручноста, многу е важно кај нив да се развие совесноста и свеста за фудбалот, да ги форсираат талентираните фудбалери и оние кои вистински му се посветени на фудбалот, со редовен и уреден живот, кои внимаваат на исхрана, не конзумираат алкохол и цигари, и едноставно речено, кои одат на спиење во 22 часот и живеат за победа.
Без жртва нема успех во спортот. Таквите играчи кои се посветени на фудбалот треба да се ценат и да се мотивираат за да бидат носечка сила во секоја репрезентација. Мора да ги форсираме. Стручни и совесни тренери, дисциплинирани и квалитетни фудбалери се магичното стапче за успех.
Имаме ли ние темели за цврста фудбалска приказна?
– Темели имаме бидејќи Македонија имала квалитетен фудбал. По имињата на нашите фудбалски легенди сме сеуште препознатливи во фудбалскиот свет. Но, тие темели треба да се надградуваме. Прашањето е дали градиме врз темелите или едвај сме на првиот кат. Дали фудбалските школи имаат стратегија која одговара на денешното време кога децата имаат се помалку желба за спортување, а се повеќе желба за седење пред компјутер или губење време на социјални мрежи. Треба многу сериозно и итно да се направи стратегија како да се мотивираат децата за спорт, за редовен тренинг, за дисциплина и да се пресече во корен жалната слика со празни игралишта покрај кои децата седат со телефоните во рака, наместо да трчаат со топка.
Фудбалските школи треба да соработуваат со тренери и младински школи од соседството каде има поголеми успеси. Не мора многу далеку, Хрватска и Србија ни се најблиску. Со години, приватно и службено, контактирам со тренери во фудбалската школа на Хајдук Сплит. Таму владее сериозен ред и дисциплина. Секое талентирано дете е ценето и максимално му се посветува внимание. Тренерите се посветени да создадат квалитетни играчи, имаат долгорочни планови, собираат искуства, секое дете посебно се следи како напредува, каде треба да му се даде подршка. Не е важно кој тренер ќе преземе одредена генерација бидејќи сите тренери од една школа ги следат сите деца, и точно ги познаваат кога ќе ги преземат. Нема ништо стихијно и оставено на случајност. Такви примери треба да копираме и со дисциплина да создадеме квалитетни фудбалери. Без его еднаш да кажеме дека очигледно некаде грешиме, дајте да преземеме нешто од некој што има поголем успех. Ништо не е тешко и сложено, само треба добар план кој ќе се исполнува и сигурен сум дека ќе има резултат. Треба желба и елан за работа, потенцијал имаме.
Имаме ли услови за да го постигнеме сето тоа и да зборуваме за некоја позитивна европска приказна?
– Македонија има талентирана младина која се губи низ лавиринтите на неубавата страна во овој спорт, па била приморана да се откаже од сонот за фудбалска професионална кариера. Тоа е жално и мора итно да се спречи. Откако влегов во тренерските води, секојдневно бев опкружен со млади што ветуваат многу и тоа посебно ме радуваше. Ги мотивирав и ги насочував на правилниот пат. Но гледав и многу нешта со кои не се согласував и против кои жестоко се противев. И денес, иaко поради други обврски веќе не работам како тренер, љубовта останува, работите ги следам и сакам да имаме успешен фудбал. Нашата држава може да создаде фудбалери од европски и светски ранг но треба да се посвети на тоа. Треба да се зборува реално. Ни недостасуваат многу работи за кои зборував претходно. Работата, дисциплината и професионалноста се најважни и без нив, ништо. Ако сите го дадеме својот придонес како што треба, без подметнувања, без злоба, без негирања, ако бидеме совесни и се посветиме на создавање квалитет, сигурен сум дека доаѓаат подобри времиња за македонскиот фудбал.
М.В.