Подмладокот на новиот женски прволигаш Газели Волеј ја освои шампионската титула во кадетска конкуренција. Во финалниот натпревар на завршниот турнир, кој викендов се одигра во салата „Форца“ во Скопје, „газелите“ со 3:1 ги совладаа врсничките од Младост УГД.
Тимот на Бранка Каленикова имаше водство од 2:0 во сетови, а штипскиот состав по голема борба успеја на разлика да намали на 2:1 и да се избори за дополнителен сет. Газели Волеј не си дозволија ново опуштање до крајот на финалето и во четири сета дојдоа до титулата со која ја крунисаа сезоната.
Третото место им припадна на девојките на Наковски Волеј, кои со 2:1 го совладаа тимот на Работнички Скопје 1, по големо надигрување во сите три сета.
Претходно во полуфиналето Газели Волеј со пресврт и 2:1 го совладаа Наковски Волеј, додека Младост УГД до финалето стигна со победата од 2:1 над Работнички Скопје 1.
ФИНАЛЕН ТУРНИР КАДЕТКИ
ПОЛУФИНАЛЕ
Газели Волеј – Наковски Волеј 2:1 (23:25, 25:18, 15:11)
Младост УГД – Работнички Скопје 1 2:1 (25:16, 15:25, 15:12)
МЕЧ ЗА 3. МЕСТО
Наковски Волеј – Работнички Скопје 1 2:1 (25:13, 22:25, 15:9)
ФИНАЛЕ
Газели Волеј – Младост УГД 3:1 (25:16, 25:16, 24:26, 25:19)