Фудбалерките на ЖФК Љуботен го освоија првиот трофеј во домашното првенство, откако во денешното последно коло беа подобри во дуелот со ЖФК Истатов со 3-1. Сите три гола за Љуботен ги постигна Присцила Едите Силва во првото полувреме, а единствениот гол за домаќинките го постигна Петрушевска во 84 минута.
Фудбалерките од Тетово сезонава имаа голема конкуренција во екипите на ЖФК Тиверија Струмица и ЖФК Каменица Саса, но сепак издржаа до крај и испишаа историја.
Екипата од Тетово сезоната ја заврши со 55 бодови, Тиверија освои 54 и Каменица Саса 53.
По освојувањето на шампионската титула, фудбалерките на Љуботен ги чека и прво историско учество во квалификациите за Лигата на шампионите.