Тешко е да се предвиди што ќе се случува, но јасно е дека претпоставената суперлига ќе влијае на националните лиги и на љубителите на фудбалот во тие земји

По наводните планови за формирање европска фудбалска суперлига, останува нејасно како сето ова ќе се одрази на националните лиги, на клубовите што би „побегнале“, на квалитетот, интересирањето, ривалитетот, клупски и градски, и на многу други работи. Тешко е да се предвиди што ќе се случува, но јасно е дека таа суперлига ќе влијае на националните лиги и на љубителите на фудбалот во тие земји.
Така, англиската Премиер-лига, како најетаблирана, најпопуларна и најбогата, со пет потенцијални екипи учеснички во суперлигата, најмногу би била загрозена.

Љубителите на фудбалот на Островот би биле лишени од големите дерби-дуели, како тоа на градот Ливерпул, Евертон – Ливерпул, и од севернолондонското дерби Арсенал – Тотенхем, натпревари што се играат повеќе од 100 години и кои се многу повеќе од фудбалски ривалитет.

Во загуба би биле и љубителите на фудбалот во Шпанија. Ќе го снема градското мадридско дерби Реал Мадрид – Атлетико (на национално ниво), како и дуелите Реал Мадрид – Севилја, Реал Мадрид – Валенсија, Барселона – Севилја и други. Во Италија, Торино би било лишено за дербито Јувентус – Торино. Јувентус, а и двата милански клуба Милан и Интер не ќе можат да играат против римските тимови, да не ги спомнуваме Наполи или Фиорентина итн. Во Германија, пак, без Баерн, најтрофејниот германски клуб, Бундес-лигата нема да биде иста. Ќе ги снема дерби-средбите Баерн – Шалке, Борусија Дортмунд – Вердер и многу други. Во Франција, во Лига 1, со евентуалното излегување на ПСЖ, ќе нема дуели ПСЖ – Монако, ПСЖ – Лион и други.

Разговорите за суперлигата повторно заживеаја пред десетина дена, откако германскиот неделник „Дер шпигел“ објави наводни доверливи документи и пораки меѓу клубовите и фудбалските организации. Суперлигата составена од 16 тима би почнала во 2021 година, би ја заменила Лигата на шампионите (ЛШ) и би била надвор од контрола на Европската фудбалска унија (УЕФА). Во суперлигата би играле 11 клуба-основачи, од Шпанија (Реал и Барселона), Англија (Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Арсенал, Ливерпул и Челси), Италија (Јувентус, Милан), Германија (Баерн) и од Франција (ПСЖ). Според наводите на „Шпигел“, ним би им бил загарантиран настап во следните 20 години. Уште пет клуба (се споменуваат Атлетико, Борусија Д., Интер, Рома и Марсеј) наводно би добиле покана за настап.

Идејата за формирање суперлига во која би учествувале најдобрите и најбогати европски клубови постои од 1990-тите. Но работите застанаа откако УЕФА ја прошири ЛШ и ги зголеми паричните награди. Пред десетина години исто така имаше агитација за формирање суперлига, но сѐ остана на разговори.

Во 2016 година УЕФА направи отстапки, со тоа што на 16 екипи од четирите најсилни европски лиги (Англија, Шпанија, Германија и Италија) им овозможи директен пласман во натпреварите по групи, што малку ја ублажи тензијата. Во сезоната 2018/2019 клубовите за настап во ЛШ меѓу себе ќе поделат над две милијарди евра.

Сепак, ако се има предвид дека оваа тензија не е ништо ново, логично е оти ќе се бара и ќе се најде некаков компромис на релацијата клубови – УЕФА – ФИФА, бидејќи поделбата и кавгата никому не му се од корист. 


Суперлигашките фудбалери нема да играат на ЕП, СП…?

На фудбалерите што ќе играат за клубовите во отцепената европска суперлига ќе им биде забрането да настапат на најголемите интернационални натпреварувања, како што е Светското првенство (СП), се закани претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, велејќи дека нивна задача е да го „заштитат фудбалот“.

– Или сте со нас или сте надвор. Ова вклучува сѐ – рече Инфантино, наведувајќи ги СП, ЕП и националните лиги како натпреварувања на кои може да им биде забранет настап на играчите од отцепените тимови.
Против идејата е и Александер Чеферин, првиот човек на Европската фудбалска унија (УЕФА), како и Здружението на европските лиги (ЕЛ). Л.Д.