Пандемијата на коронавирусот сериозно ги погоди спортистите и спортските клубови во светот и кај нас, па многу спортски настани се одложени или сериозно редуцирани.
Во таква ситуација, погодени се и спортистите, но и обичните граѓани што сакаат да уживаат во спортското надигрување, во постигнувањето рекорди, во фер-плејот, во сето она што го краси спортот. Интересни се согледувањата на поранешниот фудбалер, а денес успешен тренер, Игор Кралевски, во врска со новонастанатата ситуација. Тој последниве години по завршувањето на играчката кариера во неколку македонски прволигаши, но и во странство, бележи успеси како тренер на јуниорите на Вардар со кои постигнува завидни резултати.
– За разлика од некои спортови кои прават пауза или сосема ги прекинаа активностите, ние продолжуваме со нормални активности, се разбира со почитување на сите протоколи пропишани од здравствените власти, но и од нашите интерни протоколи до кои стриктно се држиме. Во договор со родителите на дечињата се трудиме да бидеме редовни на тренинзите, како и на натпреварите што ги играме во овој период и со задоволство можам да кажам дека децата се исклучително дисциплинирани. Како резултат на тоа ние немаме некој фудбалер што би дошол во ситуација да биде третиран на било кој начин како загрозен од коронавирусот. Децата се сосема свесни за новото „нормално“ и самите се придржуваат до се што им е кажано од наша страна, но и од родителите и затоа можат да уживаат во играта – ги пренесува своите искуства младиот тренер.
За потсетување, Игор Кралевски своите најголеми фудбалски успеси во земјава ги постигна како фудбалер на Работнички и на Металург, а играше и за уште неколку наши прволигашки клубови, при што настапи и за македонската фудбалска репрезентација во периодот од 2005 до 2010 година. Како фудбалер беше познат по својата храброст и бескомпромисност да биде столб на одбраната, а во својата меѓународна кариера имаше успешни сезони во сплитски Хајдук во Хрватска, и Луч Енергија во Русија. По завршувањето на кариерата реши да влезе во тренерските води, а веќе извесен период работи како тренер на јуниорите на Вардар со кои постигнува одлични резултати.