Првиот меч е на 9 јули во Естонија, а реваншот е седум дена подоцна
Номе Калју од Естонија му е противник на македонскиот првак Шкендија во првото квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите (ЛШ), реши ждрепката во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА) во Нион. Естонскиот првак, со прекар Пинк Пантер, е формиран во 1923 година, а потоа обновен во 1997 година.
Првиот меч е на 9 јули во Естонија, а реваншот е седум дена подоцна. Номе Калју е првак за 2018 година, а во првенството што е во тек годинава по 15 кола е на третото место, со девет бода помалку од водечката Флора и четири помалку од второпласираната Левадија. Противникот на Шкендија беше првак на Естонија и во 2012 година. Номе Калју го оствари најголемиот успех во европските купови во сезоната 2013/2014, кога по две кола во квалификациите за ЛШ играше во плејоф-колото за пласман во Лига Европа (ЛЕ). Во сезоната 2016/2017 тимот играше во 3-то коло од квалификациите за ЛЕ.
Ференцварош на македонскиот репрезентативец Стефан Спировски ќе се сретне со Лудогорец (Бугарија), а Сараево на Крсте Велковски со шкотскиот првак Селтик. Од другите двојки, Црвена звезда (Србија) ќе игра со Судува (Литванија), романскиот Клуж со Астана од Казахстан, Сутјеска (Црна Гора) со Слован (Словачка), Марибор (Словенија) со Валур (Исланд) итн.
Во првото коло од квалификациите за Лига Европа од македонските тимови Академија Пандев ќе игра со Зрињски од БиХ (прв меч дома), а Македонија ЃП и Шкупи ќе се сретнат со тимови од Ерменија (прво на гости), со Алашкерт, односно со Пјуник. Првите мечеви се на 11 јули, а реваншите седум дена подоцна.