Ждрепката на осминафиналните двојки од ЛШ ќе биде влечена денеска, од 12 часот. Од досегашните шампиони во трка се Реал, Барселона, Ливерпул, Баерн, Ајакс, Манчестер ј., Јувентус, Порто и Борусија Д. За прва титула ќе играат Атлетико, Тотенхем, Шалке, Рома, ПСЖ, Манчестер с. и Лион

За вредниот сребрен трофеј наменет за клупскиот фудбалски првак на Европа ќе играат 16 тима од седум земји (две помалку отколку во минатата сезона, но една повеќе од сезоната пред тоа), а секој (клуб, фудбалер, тренер…) со свој мотив ќе влезе во пролетната трка за титулата во Лигата на шампионите (ЛШ). Ждрепката на осминафиналните двојки ќе биде влечена денеска, од 12 часот. Девет од вкупно 22 досегашни европски прваци ќе играат за трофејот одново да го донесат во своите витрини. Други два тима, пак, ќе имаат шанса со дебитантски триумф во натпреварувањето да се приклучат и на една друга елитна шампионска листа, на која, на пример, не е Реал Мадрид.

Реал ќе сака нова, 14-та вкупно, а четврта титула по ред, нешто што го направил досега само Реал, од 50-тите години на минатиот век, но сега без Кристијано Роналдо во нападот и без Зинедин Зидан на клупата. Лионел Меси, пак, најави дека главна цел сезонава е Барселона пак да стане европски првак. Јирген Клоп ќе се обиде да победи во европско финале, откако лани загуби на клупата на Ливерпул (претходно и со Борусија Д.). Кристијано Роналдо, пак, сака нова титула, со трет клуб, Јувентус (претходно има трофеи со Манчестер јунајтед и со Реал), за да се израмни со рекордерот Кларенс Седорф (Ајакс, Реал и Милан), но и со Франциско Генто, кој е единствен со шест трофеи (Роналдо има вкупно пет).

Пеп Гвардиола доминира во Англија со Манчестер сити, но главниот трофеј и за него и за клубот сега веројатно е европскиот. Жозе Мурињо, пак, го сака трофејот со кој би станал првиот што од клупата водел три тима до европската титула (претходно Порто и Интер). Џанлуиџи Буфон има прекрасна и трофејна кариера, но голманот што најголемиот дел од кариерата го помина во Јувентус, сезонава со ПСЖ ќе се обиде да дојде до трофејот што му недостига (на пример, има светска титула со Италија и Куп на УЕФА со Парма). Баерн шест пати претходните седум сезони играше во полуфиналето (од тоа две финалиња, една титула), па таа постојаност можеби ќе се надгради. Атлетико игра и за да стигне до финале на својот стадион. Ајакс тргна од 2-то квалификациско коло и по четири години се врати во ЛШ, итн.

На шпанскиот Атлетико Мадрид и на англискиот Тотенхем единствен од значајните европски трофеи што им недостига е пехарот за европскиот првак. Тие два клуба претходно славеа во Лига Европа (порано Куп на УЕФА) и тоа Атлетико трипати, а Тотенхем двапати, како и во сега непостојниот Куп на победниците на куповите (КПК, пред дваесетина години се спои со ЛЕ, а во него дотогаш играа само победниците на куповите), во кој двата клуба имаат по еден триумф. На оваа победничка листа веќе се шест тима, и тоа Барселона (со пет титули во ЛШ, четири во КПК и три во ЛЕ), Баерн (5-1-1), Ајакс (4-1-1), Манчестер јунајтед (3-1-1), Јувентус (2-1-3) и Челси (1-2-1).

Од досегашните шампиони во трка се актуелниот и 13-кратниот првак Реал Мадрид, потоа Барселона, Ливерпул и Баерн со по пет титули, следени од четирикратниот шампион Ајакс, па трикратниот Манчестер јунајтед, потоа двојните освојувачи на трофејот Јувентус и Порто, како и Борусија Дортмунд, која досега еднаш била шампион на Европа. За прва титула ќе играат Атлетико, Тотенхем, Шалке, Рома, Пари сен Жермен, Манчестер сити и Лион. Од нив најуспешен досега е Атлетико со три финалиња, а во меч за титулата играла само уште Рома (еднаш).
Чиј мотив ќе биде најсилен?


Само Англија без „загуби“ помина низ групната фаза

Англија во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите ќе има четири тима, и тоа сите што ја почнаа сезонава во ЛШ – Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул и Тотенхем. Шпанија и Германија ќе имаат по три екипи, откако по еден отпадна од игра (Валенсија и Хофенхајм), а претенденти за тронот се Реал, Барселона и Атлетико, односно Баерн, Борусија и Шалке. Франција и Италија ќе бидат претставени со по два тима (ПСЖ и Лион, односно Јувентус и Рома, а отпаднаа Монако, односно Наполи и Интер). По еден претставник ќе имаат Португалија (Порто, отпадна Бенфика) и Холандија (Ајакс, отпадна ПСВ).


Роналдо задржа еден, Меси постави друг рекорд

Роберт Левандовски од Баерн со осум гола е најефикасниот фудбалер во групната фаза натпревари во Лигата на шампионите. Со тоа рекордер, според бројот на голови во една сезона во групната фаза, остана Кристијано Роналдо, со 11 во сезоната 2015/2016 (вкупно 61 во групите). Сезонава втор на листата на стрелци е Аргентинецот Лионел Меси од шпанскиот шампион Барселона со шест гола, но тој со тоа стана рекордер со 66 гола во групните фази вкупно.


Прваците први

Сите актуелни прваци од најсилните пет европски првенства (Англија, Шпанија, Германија, Франција и Италија) го освоија првото место во својата група во фудбалската Лига на шампионите сезонава. Тоа се Манчестер сити (Англија), Барселона (Шпанија), Баерн (Германија), ПСЖ (Франција) и Јувентус (Италија). Меѓу првопласираните шампиони е и Порто (првак на Португалија и лидер сезонава), но и Реал Мадрид (актуелен европски првак, лани трет во Шпанија) и Борусија Дортмунд (во минатата сезона четврта во Германија, но актуелен лидер сезонава).