Чесите забележаа победа од 2-0 и се пласираа во четврт-финалето, во кое ќе играат против Данска, на 3 јули
Чешка приреди огромно изненадување со победата над фаворизираната Холандија (2-0) и со пласманот во четврт-финалето на Европското првенство (ЕП), во кое ќе игра против Данска, в сабота, 3 јули. За Чесите ова е четврто четврт-финале на седумте настапи на ЕП, а најголемиот успех го забележаа на ЕП 1996 во Англија кога беа втори, откако во финалето загубија од Германија. Патрик Шик го постигна својот четврти погодок на четирите натпревари на ЕП 2020. Повеќе голови од него на еден голем турнир, на ЕП 2004-та, има дадено само Милан Барош (5).
– Подобро не можеше да биде. Одлично е. Никој не очекуваше дека ќе направиме нешто вакво. Да се победи Холандија и да се игра вака е фантастично. Мислам дека секој наш навивач уживаше – изјави Шик.
Холандија е првата репрезентација со 100-отстотен ефект во групната фаза (3/3) пред да биде елиминирана во првата нокаут-рунда. На Холандија истото ѝ се случи и на ЕП 2008, кога загуби од Русија (1-3).
Еден од решавачките моменти на мечот беше исклучувањето на центархалфот на Холандија, Матијас де Лихт, во 55-та минута поради намерно играње со рака.
Статистичарите пресметале дека Холандија има добиено четири црвени картони на ЕП, два на натпревар против Чехословачка (во 1976) и два против Чешка (во 2004 и 2020 година).
Де Лихт ја презеде одговорноста за елиминацијата на неговата земја по натпреварот.
– Ние всушност загубивме поради мојата лоша постапка. Имавме контрола над играта и тогаш дојде таа топка. Тој момент ја смени играта и не можам да се извлечам од тоа. Овие првенства се златна можност, затоа е многу болно да се замине на овој начин. Бевме добри во групната фаза, а потоа бевме нокаутирани од Чешка – изјави Де Лихт.