Во второто полуфинале на СП, Хрватска ја совлада Англија со 2-1 и првпат се пласира во финалето, во кое ќе сретне со Франција, в недела во Москва. На патот до финалето Хрватска одигра три меча по 120 минути, со што одигра најмногу минути на овој мундијал, 90 повеќе на пример од Франција

Хрватска ќе игра против Франција во финалето на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија откако во второто полуфинале во Москва ја совлада Англија со 2-1, по 120 минути игра. За Хрватите, кои се првата репрезентација во историјата на СП што одигра и ги доби трите меча по ред во продолженијата (два на пенали), неделното финале во Москва (17 часот) ќе биде прво во историјата, на петте досегашни настапи на завршните турнири. Тие се и втората најмалобројна земја со популација од 4,5 милиони (по Уругвај со 3,4 милиони), која се пласирала во финале на еден мундијал.
Англичаните, пак, го загубија четвртиот од петте полуфинални натпревари на големите натпреварувања (ЕП 1968, СП 1990, ЕП 1996 и СП 2018), но ги оправдаа очекувањата. Голот од слободен удар што го постигна Киран Трипиер во 5. минута беше најбрз погодок во полуфинале по СП 1958 година и голот на Вава во втората минута од мечот Бразил – Франција.
Англичаните на СП 2018 постигнаа дури осум (од вкупно 12-те гола) од прекини, најмногу за која било селекција по СП 1966, на кое Португалија, исто така, постигна осум такви гола.

Постојат неколку објаснувања за тоа зошто Англичаните беа толку добри при прекините на играта. Еден од „одговорните“ за тоа се смета помошниот тренер Алан Расел (37), поранешен напаѓач во клубовите од пониските лиги во Шкотска и во Англија, кој има тренерска А-лиценца на УЕФА. Пред ова СП, Англија имаше лош ефект при прекините на играта, бидејќи немаше постигнато гол од корнер на голем турнир од 2010 година во Јужна Африка. Очигледно Гарет Саутгејт и Расел го сменија сето тоа, најмногу околу позиционирањето во 16-те метри и вниманието посветено на деталите околу играта на противничките одбранбени фудбалери и на голманите. Тие користеле техники и од американските НФЛ и НБА-лига, а од корист, секако, им беше и воведувањето на системот ВАР, бидејќи судиите многу повеќе ги санкционираа влечењата за дрес и другите спорни ситуации во шеснаесетникот.

На четирите од пет меча на ова СП што траеја по 120 минути беа замешани Хрватите (трипати) и Англичаните (еднаш). Во петтиот меч што беше одлучен по продолженија играа Русија и Шпанија. Вкупно, Хрватска играше најмногу на ова СП, на пример 90 минути повеќе од Франција.
Хрватска нема некоја богата фудбалска историја, но е неисцрпна со таленти, ги има за извоз. По распадот на СФР Југославија во 1991 година, Хрватите како национален тим првиот голем успех го направија на СП 1998 со освојувањето на третото место. Оттогаш на следните завршни турнири не успеваа да ја поминат групната фаза, сѐ досега.
До скоро фудбалската историја во Хрватска беше испреплетена со внатрешни непријателства и со многу контроверзии. Сето тоа, како и смената на селекторот Анте Чачиќ, на некој начин придонесе Хрватите едвај, преку плејоф-дуелот со Грција, да се квалификуваат за СП. Во Русија, Хрватите ја декласираа Аргентина во групната фаза и потоа преживеаја два пенал-рулета. Патот до финалето беше долг и трнлив. Неверојатно за многумина, но титулата светски првак сега е на дофат. 


Модриќ: Нѐ потценија, тоа им беше голема грешка

Капитенот на репрезентацијата на Хрватска, Лука Модриќ, ги обвини англиските новинари и експерти за недостигот од почит кон фудбалерите на Хрватска, бидејќи некои од нив предвидуваа лесна победа на избраниците на селекторот Герет Саутгејт, во полуфиналниот меч на Светското првенство во Русија, во средата. Тој рече дека тоа дополнително ги мотивирало неговите соиграчи да ја победат Англија (Хрватска славеше со 2-1).
– Луѓето зборуваа, многу англиски новинари, телевизиски експерти. Тие ја потценија Хрватска и тоа беше огромна грешка. Сето тоа го слушавме, читавме и си велевме, во ред, ќе видиме кој ќе биде поуморен. Тие требаше да бидат посмирени и поскромни, требаше повеќе да ги почитуваат противниците. Ние повторно покажавме дека не сме уморни, бидејќи доминиравме на мечот, ментално и физички. Требаше да победиме и пред продолженијата. Ова е неверојатно достигнување за нас, сон што се оствари по подолго време. Ние сме во финалето, тоа е најголемиот успех во историјата на Хрватска и можеме да бидеме горди – изјави Модриќ.

 

Хрватска е 13-та селекција-финалист

Хрватска е 13-тата фудбалска репрезентација што стигнала до финале на светско првенство (СП). Од првите два финалисти, на СП 1930, Уругвај и Аргентина, потоа во мечеви за планетарната титула играа и Германија (осум пати), Бразил (седум пати), Италија (шест пати), Франција (трипати), Холандија (трипати), Чехословачка (двапати), Унгарија (двапати), Англија (еднаш), Шпанија (еднаш) и Шведска (еднаш).
Од нив, само осум досега биле шампиони, и тоа Бразил пет пати, Италија и Германија по четири пати, Уругвај и Аргентина по двапати, а Англија, Франција и Шпанија по еднаш.
На првото појавување во финале титули освојувале Уругвај во 1930 година, Италија во 1934, Германија во 1954, Англија во 1966, Франција во 1998 и Шпанија во 2010 година. На другата страна (пораз во првото финале) се Аргентина во 1930 година, Чехословачка во 1934, Унгарија во 1938, Бразил во 1950, Шведска во 1958 и Холандија во 1974 година. Г.М.


По 32 години, репрезентација од вториот барабан ќе настапи во меч за трофејот

Откако се играат светските првенства (СП) со по 32 фудбалски репрезентации (од 1998 година и Мундијалот во Франција), првпат се случува една селекција од вториот барабан пред ждрепката да се пласира во финалето. Тоа ѝ успеа на Хрватска на СП 2018 во Русија, откако во полуфиналето во средата ја победи Англија со 2-1, по две продолженија. Другиот финалист, Франција, пред ждрепката беше сместен во првиот барабан, а во финалето се пласира еден ден пред Хрватска, со триумфот над Белгија со 1-0.
Од некои претходни случаи, кога селекција од втор барабан играше во финале, Аргентина славеше на СП 1986 (финалистот Германија беше во првиот барабан). Од Мундијалот во 1990 година до минатиот во Бразил во секое финале настапија исклучиво селекции од првите барабани.
Пред повеќе мундијали составите на барабаните не биле одредувани според квалитетот на селекциите, туку според географската припадност. За одредувањето на составите на барабаните за СП 2018 беше употребена ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Г.М.