Храбрата игра на Македонија во дебито на Европското првенство не беше крунисана со позитивен резултат против Австрија, која славеше со 3-1 во првиот меч од групата Ц одигран попладнево во Букурешт.
За првпат на големите фудбалски натпреварувања (европски и светски првенства) се слушна македонската химна, а „црвено-жолтите“ во историското деби на континенталниот шампионат имаа и голема поддршка од македонските навивачи на трибините на националната арена во главниот град на Романија.
Горан Пандев беше стрелец на првиот гол за Македонија на ЕП откако добро се снајде по мешаница во противничкиот шеснаесетник во 28-та минута. Капитенот на Македонија со 37 години (и 231 ден) е вториот највозрасен стрелец на европските првенства по австрискиот репрезентативец Ивица Вастиќ кој имаше 38 години (и 257 дена) кога погоди на ЕП 2008
Австриецот Штефан Лајнер претходно го отвори резултатот во 18-та минута, додека резервистите Михаел Грегорич и Марко Арнаутовиќ ги постигнаа решавачките голови во 78-та и во 90-та минута.
Бобан Николов имаше изгледна прилика во 62-та минута по одлично додавање на Енис Барди, но австрискиот голман Даниел Бачман го спречи да се запише во листата на стрелците. Кај Македонија во неколку наврати се истакна и голманот Столе Димитриевски кој реагираше навремено на честите нафрлувања во неговиот шеснаесетник.
Вечерва во рамките на групата Ц Холандија ја пречекува Украина (од 21 часот). Македонија во преостанатите мечеви од групната фаза ќе се сретне со Украина (на 17 јуни) и со Холандија (на 21 јуни).