За жал, победниците овие денови се сметаат за победници само ако имаат одреден трофеј или ако учествуваат во Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Но има огромна работа што се одвива во клубовите каде што тие всушност ги освојуваат своите трофеи. Тие освојуваат трофеи што тешко може да ги достигнат, но никој не ги препознава како трофеи, вели меѓу другото Хоџсон за „Скај спорт“

ФУДБАЛ

Во ексклузивното интервју за „Скај спорт“, Рој Хоџсон, менаџерот на Кристал палас, раскажува зошто присуството на Кристал палас во англиската фудбалска Премиер-лига е едно од најголемите достигнувања во неговата долга кариера. Кристал палас во саботата играше со Челси, а дуелот со тој клуб буди убави спомени за Хоџсон. Против тој клуб, во октомври 2017 година, тој ја забележа својата прва победа во Премиер-лигата како менаџер на Кристал палас.
– Понекогаш мислам на тоа како на мој прв натпревар, но не беше, тоа беше мој четврти натпревар. Тоа беше само првпат да победиме, така што не размислувам премногу за другите – рече тој.
Кристал палас во тоа време беше во тешка состојба. Мандатот на Франк де Бур траеше само 77 дена, а и на Хоџсон почна незгодно. Кристал палас беше на дното на табелата во Премиер-лигата, без бод. Подоцна Кристал палас заврши на 11. место во првата сезона на Хоџсон и четири години подоцна е 12-ти.
– За жал, победниците овие денови се сметаат за победници само ако имаат одреден трофеј или ако учествуваат во Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Но има огромна работа што се одвива во клубовите каде што тие всушност ги освојуваат своите трофеи. Тие освојуваат трофеи што тешко може да ги достигнат, но никој не ги препознава како трофеи – вели Хоџсон за „Скај спорт“.

Секако, има многу клубови што завидуваат на начинот на кој Кристал палас ја консолидира својата позиција во Премиер-лигата во претходниве години. Од назначувањето на Хоџсон, Кристал палас е единствена од 13-те досега присутни екипи во Премиер-лигата што оствариле профит од трансферите. Еден „нуспроизвод“ во избегнувањето на испаѓањето од година на година е што апетитот на навивачите станува сѐ поголем.
– Не гледам дека е фрустрирачко. Тоа е човечка природа. Можеби е дури и позитивно. Не предлагам дека некој во клубот треба да се одмори на лаворите и да се фали. Мислам дека мора да прифатите дека луѓето секогаш ќе сакаат повеќе, но мислам дека воспоставивме многу солидна основа. Мислам дека повеќе не нѐ сметаат за новаци. Мислам дека луѓето сега го гледаат Кристал палас како добар премиерлигаш, кој знае што прави. Значи, нормално е да размислуваме дека ние го сакаме следниот чекор, сакаме да продолжиме понатаму, ние сакаме да бидеме сигурни дека можеме да завршиме помеѓу 10-то и шестото место на табелата, и ако стигнеме до таа фаза, ќе сакаме да се преселиме уште подалеку и ќе очекуваме европски фудбал.

Филозофиите, идеите и принципите се важни фактори во вашата работа, но мора да го имате и прагматичниот елемент, бидејќи, за жал, не е важно што правите на терен, вие само ќе добиете кредит за тоа ако донесе резултат. Треба да се врзеш за овие две работи. Но јас би се надевал дека во сезоните што доаѓаат, клубот ќе продолжи и ќе можеме полесно и полесно да останеме во лигата и, како резултат, ќе бараме да завршиме многу повисоко отколку што можевме во претходните неколку сезони – вели Хоџсон.
Љубовта на Хоџсон кон играта не е доведена во прашање, но дали околностите од изминатата година влијаеле врз неговиот ентузијазам за работата?
– Претпоставувам дека дипломатскиот одговор на тоа е дека тоа не влијаело на ентузијазмот или нешто слично, но веројатно не би било 100 отсто вистинито. Ние сме човечки суштества и зависиме од многу надворешни влијанија и многу работи што се случуваат околу нас за да ни дадат дополнителна енергија и ентузијазам.

Јас секогаш ќе ги сметам претходниве четири сезони во Кристал палас како едно од подобрите што сум ги направил во мојата кариера. Мислам дека тоа беше голем тест за нашата професионалност и нашата посветеност на фудбалот, за да се осигуриме дека мечевите се играат и на нивото на кое сакаме да се играат. Мислам дека оваа сезона и деветте натпревари пред неа за време на „Проектот за рестартирање“ побараа многу повеќе од нас и мислам дека сите, ако би биле брутално искрени, би рекле дека не било исто и го нарушило нашиот ентузијазам, на моменти. – вели тој.


Пандемијата енормно промени сѐ

Пандемијата енормно промени сѐ, бидејќи едни од работите што нѐ одржуваат во фудбалот се адреналинот и енергијата што ги добиваме од гледачите и она што тоа го предизвикува кај нас. Домашните навивачи нѐ туркаат; навивачите на гости се обидуваат да нѐ одведат од нашата игра. Сите овие интегрални делови од играта се одземени. Честопати се менувавме во привремени кабини, па дури и во салоните на претседателите, но потоа одиме на теренот и се подготвуваме за натпревар што ќе се одржи на највисоко можно ниво. Квалитетот на фудбалот не е опаднат енормно, но сето тоа се случи во надреална атмосфера, каде што може да се слушне пад на игла, може да се слушне секој збор што се изговара и секоја опомена што се извикува од страна, вели менаџерот на Кристал палас, Рој Хоџсон, за „Скај спорт“.