На досегашните 20 меча во ЛШ и во ЛН, не сметајќи го синоќешниот Манчестер сити – Борусија Дортмунд, Холанд постигна рекордни 24 гола. По 20 меча, Мбапе, на пример, имаше 12 гола, Меси осум, Левандовски шест, Роналдо еден гол…
На 20 одиграни меча во европска конкуренција, во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), 20-годишниот Норвежанец Ерлинг Холанд, напаѓачот на Борусија Дортмунд, постигна неверојатни 24 гола (1,2 во просек по натпревар). Тој постигна најмалку по еден гол против секоја екипа против која играл досега (не сметајќи го синоќешниот четвртфинален меч против Манчестер сити), освен на Гленавон од Северна Ирска, на дебито за Молде.
Холанд постигна четири гола за Молде на петте европски натпревари, потоа осум на седумте меча за Салцбург и 12 на осумте средби за Борусија Дортмунд, се наведува на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА). Оттаму воопшто не е изненадување што за него се интересираат најголемите клубови во Европа.
Зачудувачки е досегашниот ефект на Холанд, кој 24-те гола ги постигна со невидена брзина, на само 20 натпревари. Во истите моменти во кариерите, другите негови современици не беа толку ефикасни. Килијан Мбапе, на пример, по 20 европски натпревари имаше 12 гола, Лионел Меси осум, Роберт Левандовски шест, а Кристијано Роналдо еден гол.
Најславните стрелци од раните години на елитното натпреварување, тогаш со име Куп на европските шампиони (КЕШ), великаните на Реал Мадрид, Ференц Пушкаш и Алфредо ди Стефано, по 20 меча во КЕШ постигнаа 19, односно 21 гол. Еден од најдобрите стрелци на Милан, Хозе Алтафини, погоди 21 пат на првите 20 натпревари, а германските херои од 70-тите години на минатиот век, Герд Милер и Јуп Хејнкес, постигнаа 15, односно 18 гола на првите 20 меча во КЕШ.
Холанд е третиот најдобар стрелец во Норвешка во европските натпреварувања и заостанува зад Харалд Братбак (31 гол на 75 натпревари) и зад Џон Карев (28 на 85), но се израмни со Торе Андре Фло, кому му беа потребни 61 натпревар за да ги постигне 24-те гола. Неговиот поранешен ментор во Молде, сегашниот менаџер на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, кариерата ја заврши со 23 европски погодоци. Доколку продолжи да постигнува голови со исто темпо, тој ќе го надмине рекордот на Кристијано Роналдо од 137 европски погодоци на 115-от натпревар, пишува УЕФА.
Брзина и прецизна завршница
Постојат повеќе објаснувања или анализи за тоа како Ерлинг Холанд ги постигнува головите, не само на европските мечеви туку и во Бундес-лигата и за фудбалската репрезентација на Норвешка. Холанд добро ја „чита“ противничката одбрана, одлично се движи без топка за да ја збуни одбраната и да се најде во небранетиот простор. Неговото големо забрзување и брзината заедно со прецизната завршница го прават Холанд речиси незапирлив. Норвежанецот е играч што нуди опции за соиграчите од средниот ред со доброто позиционирање и со спринтовите зад последната дефанзивна линија, која е фокусирана на она што се случува со топката и го губи него од вид. Холанд интелигентно го користи недостигот од таквото внимание кон него напаѓајќи го просторот што го отвораат дефанзивците, кои треба да ги притиснат фудбалерите што се во посед на топката.