Ниту Роналдо ниту Меси не постигнале 41 гол во една сезона како тинејџери, за разлика од Холанд, кој досега има 41 гол, на возраст од 19 години, девет месеци и 23 дена, пишува „Марка“
ФУДБАЛ
Ерлинг Браут Холанд тргна со полна брзина, како коронавирусот да не го запре фудбалот два месеца, покажувајќи одлични реализаторски способности пред противничкиот гол, пишува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“ на својата интернет-страница. Норвежанецот во јануари го замени австрискиот фудбал со германскиот, заминувајќи во Борусија Дортмунд, а тој сезонава постигна повеќе голови отколку што одигра натпревари (34 меча, 41 гол) во домашните првенства, купови и суперкупови и на европската сцена.
Ниту Кристијано Роналдо ниту Лионел Меси не успеаја да постигнат такви импресивни резултати како тинејџери, за разлика од Холанд, кој сезонава постигна 41 гол во сите клупски натпреварувања, а тој го стори тоа на возраст од 19 години, девет месеци и 23 дена. Португалецот го оствари тоа во сезоната 2007/2008 со Манчестер јунајтед, кога постигна вкупно 42 гола во сите натпреварувања со 23 години, три месеца и шест дана, а Меси го направи тоа малку порано отколку Роналдо, постигнувајќи 41 гол за Барселона две сезони подоцна (вкупно 47 таа сезона), кога имаше 22 години, 10 месеци и шест дена, пишува „Марка“.
Иако е уште рано да се прават споредби на Холанд со двајцата најголеми играчи на денешницата, особено што тие неколкупати ја надминаа границата од 40 гола во една сезона, сепак, да се оствари ова на толку млада возраст е одличен успех, пишува „Марка“. Од други фудбалери од елитното ниво над 40 гола во една сезона постигнале, на пример, Роберт Левандовски, Пјер-Емерик Обамејанг, Единсон Кавани, Мохамед Салах, Хари Кејн, Луис Суарез, итн., а Холанд е единствениот што постигна повеќе од 40 гола во една сезона како тинејџер, објави „Марка“.
– Уште не сум истиот како пред прекинот. Не играв седум недели, но знам дека работев напорно во овој период и не сум изненаден што постигнав гол – изјави Холанд по натпреварот со Шалке минатата недела.