Репрезентацијата на Шпанија слави со победничкиот пехар

Во финалето на ЕП 2012, Шпанија ја победи Италија со 4-0, што е најубедливата победа во решавачки меч на ЕП. Со тоа Шпанија, која ја освои третата европска титула, стана и првата репрезентација што ја одбранила титулата, забележувајќи и редок хет-трик, триумфирајќи на три големи турнири во низа, две ЕП и едно СП. Најдобар стрелец на ЕП 2012 е Торес, најдобар фудбалер е Иниеста, а Касилјас стана првиот капитен со два трофеја на ЕП

ФУДБАЛ – ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (14)

Шпанија ја совлада Италија во финалето на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2012 година, на стадионот „Олимписки“ во Киев, Украина, со 4-0, што е најубедливата победа во решавачки меч во историјата на шампионатите.
Со тоа Шпанија, која ја освои третата европска титула (1964, 2008 и 2012 година), стана и првата репрезентација што ја одбранила титулата, забележувајќи редок хет-трик, триумфирајќи на три големи турнири во низа, на ЕП 2008, на Светското првенство (СП) во 2010 година и на ЕП 2012.

Домаќини на ЕП, кое траеше од 8 јуни до 1 јули, како и на минатото, беа две соседни земји, Полска и Украина. Натпреварите се играа во осум града, во Варшава (воведниот меч), Гдањск, Познањ, Вроцлав, Киев (финале), Доњецк, Лвов и во Харков.
Фернандо Торес стана првиот играч што постигнува гол во две финалиња на ЕП, првиот решавачки во финалето во 2008-та во Виена, против Германија (1-0) и четвртиот во Киев. Торес постигна вкупно три гола на тоа ЕП, како и шестмина други фудбалери, но ја доби „златната копачка“ поради дополнителната асистенција (како и Марио Гомез), но и затоа што помина помалку минути на теренот, 189. Другите три гола за Шпанија ги постигнаа Давид Силва, Жорди Алба и Хуан Мата.

– Ова е одлична ера за шпанскиот фудбал. Триумфот во финалето беше многу повеќе од победа и е круна на доминацијата на шпанскиот фудбал во претходните четири години. Тоа е огромно наследство, но и голема одговорност за идните генерации да го следат тој пат – изјави шпанскиот селектор Висенте дел Боске, кој стана првиот тренер што триумфирал во Лигата на шампионите (ЛШ), со Реал (во 2000 и 2002), на СП (2010) и на ЕП (2012).
За најдобар играч на турнирот беше прогласен фудбалерот од средниот ред на Шпанија, Андрес Иниеста, кој подоцна ја доби и наградата за најдобар играч за сезоната 2011/2012 во Европа, која ја доделува УЕФА.

– Беше потешко отколку во 2008 година, затоа што бевме неколку години постари и затоа што сите противници сакаа да ги победат бранителите на титулата и светските шампиони – изјави подоцна Иниеста.
Голманот Икер Касилјас, кој во финалето против Италија 100-ти пат го носеше дресот на „фуријата“, стана првиот капитен на репрезентација со две титули на европските првенства. Извонредниот голман на Реал Мадрид и на селекцијата на Шпанија не прими ниту еден гол во нокаут-фазите на ЕП 2008 и на ЕП 2012.
Италијанецот Џовани Трапатони, на возраст од 73 години и 93 дена, стана највозрасниот што како селектор предводел репрезентација на едно ЕП, Република Ирска.


Европското фудбалско првенство одложено за идната година е јубилејно, откако годинава, кога требаше да се игра шампионатот, се навршуваат 60 години од првото, одржано во 1960 година. „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување

[email protected]