Вајлдер не успеа по 11-ти пат да ја одбрани титулата во верзијата ВБЦ, па Фјури, по четири и пол години откако му ја одзеде круната на Кличко, повторно е на врвот во тешка категорија, со победата со технички нокаут по седум рунди
Британскиот професионален боксер Тајсон Фјури (31) со технички нокаут во седмата рунда во Лас Вегас (САД) го победи Американецот Деонтеј Вајлдер (34) и со тоа ја освои титулата светски првак во верзијата ВБЦ. Судијата во рингот го прекина мечот откако Американецот доживеа низа тешки удари, а тренерите од неговиот агол фрлија крпа во рингот, со што побараа да се прекине мечот.
Вајлдер не успеа по 11-ти пат да ја одбрани титулата, пa Фјури, по четири и пол години откако му ја одзеде круната на Украинецот Владимир Кличко, повторно се врати на врвот на боксот во тешка категорија. Британецот Ентони Џошуа има повеќе појаси (верзии ВБА, ИБВ и ВБО). Спектаклот во Лас Вегас, со своето присуство на рингот пред мечот, го отворија тројца легендарни боксери и поранешни светски прваци – Ивандер Холифилд, Мајк Тајсон и Ленокс Луис.
– Му честитам на Вајлдер, покажа дека има шампионско срце. Тој ќе се врати оти е голем борец, но сега кралот на боксот се врати на тронот – задоволно изјави Фури.
За доминацијата на Фјури најдобро зборува фактот што Вајлдер двапати беше на подот, во третата и во петтата рунда, па единствено некој случајно залутан удар можеше да го спаси.
Во моментот на прекинот на мечот, Фјури беше во предност кај сите тројца бодовни судии, кај двајца со 59-52, а кај еден со 58-53. Нивната претходна борба во 2018 година во Лос Анџелес заврши без победник.
– Ете, и тоа се случува. Вечерва противникот беше подобар од мене, очигледно не влегов во мечот најподготвен, имав неколку проблеми, но сега тоа не е важно. Па, понекогаш и најголемите губат – рече Вајлдер.
Освен тоа што и двајцата заработија многу пари (со договор на секого му беа загарантирани по 28 милиони долари, а во ист размер 50-50, ќе ја поделат и добивката од ТВ-правата, што значи плус дополнителни 12 милиони долари), нивниот меч го надмина досегашниот рекорд по бројот на заработка од продадени влезници, кој во далечната 1997 година го поставија Мајк Тајсон и Ивандер Холифилд.